Над 300 жители на пелагониското село Мусинци со години наназад на летните жештини остануваат без вода за пиење. Иако селото е приклучено на градскиот водовод од Битола, водата што стигнува до чешмите е со кал, лош мирис и, според нив, неупотреблива.
Секоја година кога има суша, немаме вода ни за миење, ни за капење, за ништо, вели Силјан Груевски жител на село Мусинци.
Бидејќи не добиле одговор од битолски „Водовод“, самите жители решиле да проверат што се случува со резервоарот кој треба да се полни преку градската мрежа. Тврдат дека го затекнале необезбеден, со скршена врата, без капка вода, а на дното имало мртви животни и кал.
Се јавуваме во Водовод, велат не е до нас, во општина и тие велат не е до нив. Влеговме во резервоарот и видовме кал, песок, глувци, змии, се мртво, сведочи Влатко Андоновски, жител на село Мусинци.
Според нив, Водовод ниту го одржува, ниту го чисти и дезинфицира резервоарот, поради што велат децата често им страдаат од стомачни вируси.
Ни рекоа, исчистете го базенот, ние ќе дојдеме да туриме хлор. Но не дојдоа, раскажува Јоце Здравевски, жител на село Мусинци.
Градоначалникот на Могила, Драганчо Саботковски, вели дека дел од населението ја злоупотребува водата, а тврди дека станува збор и за политички саботажи, затоа што некој намерно ги затвора вентилите на мрежата.
Апелирам до Водовод да санираат дефекти и да го исчистат резервоарот, и да одговорат оние кои ги направиле саботажите и оние кои ја злопупотребуваат водата за наводнување на земјоделски површини и напојување на стоката, вели Саботковски.
Од Водовод–Битола, велат дека во Мусинци нема никаков дефект, а недостигот е поради нерационлано и енормно користење на водата. Признаваат дека резервоарот не е исчистен, ниту дезинфициран.
Но, велат, жителите требало навреме да ги извстат, бидејќи чистењето и хлорирањето не се изведува на високи температури, затоа што ќе останат без вода неколку дена.
Емилија Мисирлиевска