Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово воведе забрана за увоз на пилешко месо и други производи на живина од Бразил поради појава на птичји грип.
Привремената забрана стапи на сила веднаш, како одговор на потврден случај на птичји грип на комерцијална фарма во сојузната држава Рио Гранде во Бразил. Според соопштението од Агенцијата, бразилските власти го пријавиле случајот на 16 мај.
„Птичјиот грип е многу заразна вирусна болест, која првенствено ги погодува птиците и, во ретки случаи, може да се пренесе на луѓето. Иако нема докази што укажуваат дека консумирањето на живинско месо или јајца го пренесува вирусот, забраната за увоз е превентивна мерка за да се обезбеди безбедност на храната за нашите граѓани“, известуваат од косовската Агенција за храна и ветеринарство.
Од Агенцијата истакнуваат дека оваа одлука е донесена во согласност со меѓународните здравствени и безбедносни стандарди и ги следи примерите на други земји, меѓу кои и Европската Унија и Кина, кои исто така го суспендираа увозот на пилешко месо од Бразил по потврдата за епидемијата.