Израелската војска објави дека започнала голема офанзива со цел да го порази Хамас и да ги ослободи преостанатите заложници во Газа.
Израелските одбранбени сили на својот профил на социјалната мрежа „Х“ соопштија дека мобилизирале трупи, со цел да се заземат „стратешки области“ во појасот Газа.
Претставници на цивилната одбрана и Министерството за здравство, кое е под раководство на Хамас, соопштија дека од четврток досега, во израелските напади загинале околу 250 лица.
Израел воведе блокада на хуманитарната помош во март, по прекинот на двомесечниот прекин на огнот. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот дека „многу луѓе гладуваат“ во Газа.
Израелската војска изјави дека нема да престане со дејствувањето „додека Хамас не престане да биде закана и сите заложници не се вратат дома, и дека „удриле врз над 150 терористички цели низ Појасот Газа“ за 24 часа.
Израел ги интензивираше бомбардирањата и распореди оклопни сили долж границата, и покрај зголемениот меѓународен притисок да се продолжат преговорите за прекин на огнот и да се укине блокадата. Почетокот на операцијата сугерира дека сите обиди за дипломатско решение пропаднале.
Весникот „The Times of Israel“ објави дека името на операцијата под кое се спроведува „Колесниците на Гедеон“ – се толкува како повикување на библиски воин – а тоа пак според написот претставува план на воените сили за заземање и контрола на територија, преместување на цивили кон југот на појасот, напади врз Хамас и спречување на организацијата да ја контролира хуманитарната помош.