Еднодневниот самит на Европската политичка заедница во Тирана, очекувано беше фокусиран на војната во Украина и преговорите меѓу делегациите на Киев и Москва кои се одржаа во Истанбул. Преговорите кои требаше да се одржат вчера, од самиот почеток беа осудени на неуспех, и поради тоа никој немаше големи очекувања. Единствената позитивна работа е што конечно и САД ги препознаа одолговлекувачките тактики на Путин, и најавија дека своите понатамошни постапки ќе ги координираат со Европејците.
„Согласни сме дека руската страна оваа недела имаше добра можност да ги одржи првите разговори за мировен договор со постигнување примирје. Разочарани сме бидејќи тоа не се случи. Топката беше во рацете на Русите, сите услови беа исполнети за добар прв состанок“ изјави Фридрих мерц – Канцелар на Германија.
Двете делегации во Истанбул успеаја само да договорат размена на воени заробеници и најавија продолжување на преговорите.
„Се согласивме секоја од страните да ја презентира својата визија за евентуално примирје и детално да ја образложи. Откако визиите ќе бидат презентирани, веруваме дека би било соодветно, нашите преговори да продолжат“ рече Владимир Медински – Шеф на руската делегација.
Украинскиот претседател, кој присуствуваше на самитот во Тирана уште еднаш обвини дека Русија не ги сфаќа сериозно преговорите за мир, и повика на зголемување на притисокот од западните земји.
„Ако се потврди дека руската делегација навистина била само еден театар и не може да испорача никакви резултати, светот мора да реагира. Мора да има силна реакција, вклучувајќи санкции против рускиот енергетски сектор и банките. Притисокот мора да продолжи се додека не се постигне вистински напредок“ изјави Володимир Зеленски – Претседател на Украина.
Европските лидери кои се сретнаа со Зеленски во Тирана, а за време на средбата телефонски се вклучил и американскиот претседател Доналд Трамп, се согласиле дека барањата на Москва се неприфатливи. Претходно, неименуван висок украински функционер во разговор со Асошиејтед прес откри дека Русите претставиле нови барања, меѓу кои и повлекување на украинската армија од повеќе региони во источниот дел на земјата.
Игор Трајков