Ќе има кафе средба меѓу премиерот и министерот за здравство.
-Очекувам оваа недела да имаме едно завршно кафе пиење, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Но, ќе нема потреба да се гледа во талогот на дното на филџаните. Мицкоски веќе гледа разделба со Таравари на кого ќе му посака успех во иднина и добро здравје иако според него, неговиот досегашен партнер од владата, со неколкумина, а не сите сопартијци, оди во групата на Али Ахмети и на оние што две децении лошо и со корупција владееле со Македонија.
-Tоа е сепак негова одлука и убеден сум, одлука на малкумина и дека тоа не е одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето кои што се дел од оваа влада. Чесно беше и доблесно тоа самиот да го направи, да не је влече за нос владата и граѓаните, но ете, полека но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние кои што повеќе од две децении ја пустошеа, ја криминализираа, ја ограбуваа и ја фрлија Македонија на колена, рече Мицкоски.
Таравари уште во петокот доби отворен аплауз во Струга при говорот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој го пофали дека ги препознал антиалбанските игри на владата на Мицкоски.
-Добро направи, господинот Таравари, што го напушти тоа и го истражи земјотресот што се случува. Тој истражуваше големи неправди кои нè вратија 20 години назад и го напушти партнерството. Браво! Но, дури и оние што остануваат, не се за тоа, бидејќи ќе останат во тунел. Нека си заминат што е можно поскоро!, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на 09.05.2025.
Од ВРЕДИ, на Ахмети му одговорија дека земјотресот бил лани на 8-ми мај на изборите, а ДУИ како распуштена организација, откако ја изгубиле власта ја изгубиле контролата, тропаат глупости и врескаат во сон.
Наспроти поетичните дебати во албанскиот блок- премиерот со тврд речник до Ахмети, да не ги брани осомничените за корупција и криминал во неговата ДУИ, за да не му тропнат и нему на врата истражители.
-Дел од раководството на ДУИ кое што е е осомничено дека во минатото сторило кривични дела, дека е задирање во правата на Албанците- Не. Тоа е задирање и борба со криминалците. Се надевам дека тој не се идентификува со нив. Ако се идентификува со нив тогаш и тој треба да чека, еден ден, тие што се борат против криминалци да му тропнат на врата и нему, порача Мицкоски.
ДУИ гледа антиалбанска политика во потезите на актуелната власт додека владината коалиција гледа обид за заштита на корумпирани поединци.
А гледањето меѓу Мицкоски и Таравари како партнери завршува оваа недела, најави премиерот кој негира потреба од вонредни парламентарни избори заедно со локалните како што предложи и Ахмети на едногодишнината од изборната победа која не му обезбеди учество во кабинетот на Мицкоски.
Миомир Серафиновиќ