Неселктивна правда и одговорност за сите инвоилвирани во трагедијата во Кочани бараат родителите на починатите деца. Преку писмена изјава до јавноста, испратија порака дека оваа трагедијата е масовно убиство и тешко загрозување на човековите животи и безбедноста. Бараат да се спроведе независна и темелна истрага. Очекуваат одговори – дали нечија немарност, злоупотреба или незаконско дејствување довело до оваа трагедијата. Прашуваат и дали дискотеката поседувала валидна документација за работа, дали инспекциите ги вршеле сите потребни контроли дали се почитувале законите во делот за урбанизам, градење, санитарните, безбедносните и противпожарните стандарди.
„Не бараме ништо повеќе од правда, но таа правда мора да биде НЕСЕЛЕКТИВНА И ПРАВЕДНА. Не смееме да дозволиме животите на нашите деца да останат без значење во очите на државата. Одговорност мора да има – како за организаторите и управувачите на објектот, така и за институциите кои дозволиле или не спречиле оваа катастрофа. Животот на нашите деца беше изгубен, но не смее да биде заборавен“, се наведува во писмената изјава на родителите на трагично починатите деца во Кочани.
Ако не ја добијат правдата овде, ќе ја бараат до судот во Стразбур. Родителите испратија порака и до политичарите.
„Целосно се оградуваме од каква било политичка манипулација и не дозволуваме овој трагичен настан да се користи за собирање политички поени од кој било субјект, без разлика дали е од власта или од опозицијата“, им порачаа родителите на трагично загинатите деца на политичарите.
Обвинителите во Скопје и во Кочани сослушуваат сведоци и роднини на жртвите во пожарот, паралелно се подготвуваат и вештачења, вели државниот обвинител според кого истрагата ќе заврши во тримесечниот рок, односно во втората половина на јуни. По тоа ќе се знае и кој ќе седне на обвинителна клупа. Коцевски уверува дека нема селективност во истрагата, но и дека досега немал притисоци. Не се чувствува уценет поради стопираната постапка за негово разрешување.
„Нема никаква селективност досега, нема да има ни понатаму. Како што веќе имам кажано, сѐ до завршување на истрагата можно е евентуално проширување, меѓутоа тоа зависи од доказите и од она што јавните обвинители ќе го обезбедат. Истрагата е во исклучително важна фаза сега, затоа не можам да споделувам подетални информации во однос на истрагите кои што се водат“, изјави државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Родителите на загинатите на протестот во Скопје минатата недела револтирано побараа оставки и од обивнителите. Коцевски вели дека на родители што биле на средба во Обвинителството им била објаснета постапката и им одговориле на прашањата. Во сабота е најавен протестен „Марш на Ангелите“ во Кочани.
Елена Ивановска Мукоска