Електричната енергија постепено почна да се враќа во делови од Шпанија и Португалија.
Големиот прекин на електроснабдувањето што го парализираше Пиринејскиот Полуостров вчера, бил предизвикан од ненадејна загуба на 15 гигавати електрична енергија во шпанската мрежа во рок од само пет секунди, што доведе до дефект во меѓусекторската врска меѓу електропреносните мрежи на Шпанија и Франција. Според шпанскиот мрежен оператор РЕЕ, европските енергетски мрежи не се проектирани да издржат вакви нагли загуби, што резултираше со колапс на електроснабдувањето во Шпанија и делови од Португалија.
Шпанскиот премиер Педро Санчес соопшти дека струјата е вратена во половина од земјата, додека португалскиот премиер Луиш Монтенегро најави дека целосното снабдување со електрична енергија во Португалија ќе биде обновено во наредните часови.
Шпанија и Португалија се соочија со голем прекин на струјата кој го парализираше железничкиот сообраќај, ги прекина телефонските услуги, ги исклучи семафорите и ги онеспособи банкоматите.
Прекинот во електроснабдувањето се случи веднаш по пладне, предизвикувајќи застој во сообраќајот во големите градови.
Бензинските пумпи го прекинаа работењето, а болниците и итните служби преминаа на работа со генератори.
Граѓаните во продавниците масовно купуваа радија на батерии за да останат информирани.
Канарските острови, Балеарските острови, како и шпанските територии Сеута и Мелиља на другата страна на Медитеранот, не беа погодени од прекинот на струјата. Шпанското Министерство за внатрешни работи прогласи вонредна состојба.
Блокирани патниците на аеродромот во Лисабон поради прекините во електроснабдувањето
А невидениот прекин на електричната енергија остави илјадници патници блокирани во Лисабон, бидејќи терминалите на аеродромите се затворија, а туристите седеа надвор чекајќи вести за своите летови.
Ова беше втор сериозен прекин на електричната енергија во Европа за помалку од шест недели откако пожарот на 20 март го затвори аеродромот Хитроу во Велика Британија, а се случи во време кога властите низ цела Европа се подготвуваат против саботажа поддржана од Русија.