Вести Најважни Свет

Трамп се предомисли, ги суспендираше високите царини за сите земји, освен за Кина, за која ја зголеми на 125 проценти

По една недела турбуленции на светската економија, американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ги суспендира на 90 дена високите царини за сите земји кои извезуваат производи во САД. Одлуката која стапува на сила веднаш воведува универзална царина од 10 проценти за сите земји, освен за Кина, за која Трамп давачката ја зголеми на 125 проценти. Причина за тоа, според Белата куќа, е инсистирањето на Пекинг на ескалација со воведување на реципрочни мерки.

Не би го нарекол тоа трговска војна, но сметам дека Кина презеде чекори за ескалација а претседателот Трамп многу храбро одговори на тоа. Ние ќе продолжиме да работиме на решение со нашите трговски партнери, порача министерот за финансии Скот бесент.

Одлуката на Трамп беше објавена на социјалните мрежи, а министерот за финансии Скот Бесент и портпаролката на Белата куќа Керолајн Левит, се обидоа ова повлекување на претседателот да го претстават како успех на неговата политика, а не реакција на падот на финансиските пазари и глобалните берзи.

Многумина од вас во медиумите очигледно не ја сфативте „уметноста на договорот“, очигледно не сфативте што прави претседателот Трамп. Тврдевте дека остатокот од светот ќе се приближи кон Кина, кога всушност гледаме дека има спротивен ефект. Целиот свет ги бараше САД, а не Кина, бидејќи им се потребни нашите пазари, нашите потрошувачи, и потребно е токму овој претседател во Овалната канцеларија да разговара со нив, инсистираше портпаролката левит.

И покрај тврдењата на Белата куќа дека повеќе од 75 земји побарале да преговараат со Вашингтон, експертите сметаат дека пазарите го кажале своето, и оттука оваа одлука на Трамп да ги паузира високите царини. По сериозниот пад на берзите при објавувањето на царините минатата недела, поради кој изгубија милијарди долари од својата вредност, тие сѐ уште осцилираат. Но, тоа што најмногу ги загрижи експертите, а очигледно го сфатиле и советниците на Трамп, е зголемување на каматните стапки на американските обврзници, кое може да предизвика зголемување и на каматните стапки на кредитите, а со тоа и повторно покачување на инфлацијата.

Поради овие реципрочни мерки видовме зголемување на стравот кај пазарот, зголемување на стравовите кај потрошувачите и гласачите кои го вратија Трамп во Белата куќа токму заради тоа, да ги намали цените и да ѝ помогне на економијата, рече новинарот на асошиејтед прес, џош боук.

Не беа доволни тврдењата на Белата куќа дека голем број на земји директно го контактирале Вашингтон со понуди за преговори, бидејќи за постигнување договор со секоја една од нив ќе бидат потребни месеци.

Исто така, за стабилизирање на пазарите не помогнаа ниту повиците на Трамп за воведување нови царини, со фокус на бакар, дрво и компјутерски чипови, кој исто така најави дека се подготвуваат и царини за лекови.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Три случаи на листериоза за шест месеци – дали јадеме безбедна храна?

Дејан Дејан

(Видео) Екстремно високи температури од среда

Дејан Дејан

Предлог законот на СДСМ за помош на настраданите во пожарот во Кочани заглави во Комисијата за социјална политика

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе