Вести Македонија Најважни

Затворски чувари му помагале на Жан Железарски да си ја најде дрогата, наводно барале часовник што го однела кучката Цеца

Zatvor Stip. cuvari droga Zan Zelezarski

Двајца дошле со кола пред втората од трите капии на штипскиот затвор, фрлиле дрога преку оградата, а затворскиот полицаец не го запишал возилото. Неформалниот крал на затворот, Жан Железарски од Кочани, осуден на долгогодишна затворска казна, заедно со уште еден затвореник од Струмица, си ја бараат дрогата во темницата низ тревникот. Железарски зборува на телефон додека се обидува да го најде топчето во кое имало спакувано 35 грама кокаин и 50 грама марихуана. Настанот се случува на 20 февруари годинава во вечерните часови.

Еден чувар го предупредува дека не смее да биде таму. Железарски вели дека додека си играл со затворската кучка Цеца изгубил скап часовник. Тој не престанува да зборува на мобилен, кој не смее да го поседува, а шестмина затворски чувари доаѓаат и со батериските лампи му помагаат да си го најде наводниот часовник кој му го однела кучката. Не нашле ништо. По наредба на директорот, дворот бил пребаран утредента, дрогата била пронајдена и случајот бил пријавен во СВР Штип.

Видео снимката од надзорните камери денеска ја објави Управата за извршување на санкции.

Директорот формирал петчлена дисциплинска комисија за утврдување на одговорност на затворските полицајци. Комисијата, со 3 спрема 2 утврдила дека нема одговорност кај чуварите.

„Поголем дел од нив, јас тврдам дека имаат некаков материјален или каков бил друг интерес и затоа ја барале таа дрога. Тие од сабајле не се напиле нафта за да се до толку наивни дека кучката Цеца му го земала телефонот на Ж.Ж и тоа го правеле. Тоа сум и повеќе од уверен и веројатно и на секој човек со малку логика му е јасно дека овие луѓе тоа не го правеле за џабе“, изјави директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов.

Против затворските чувари поднеле кривични пријави. Пандов вели дека нема да се откаже од борбата против корумпираниот затворски систем и спрегата меѓу осудениците и дел од чуварите. Според него, во некои затвори половина од чуварите се корумпирани.

Жан Железарски беше осуден на 14 ипол години затвор во случајот Детонатор во 2013, за злосторничко здружување, обид за убиство, лихварство, измама и за други дела. На судијката ѝ се закануваа дека ќе летне како гулаб, па за заканите беше осуден на уште две години. Во 2019 избега откако беше пуштен на отсуство, па во 2021 година беше уапсен во Косово. Во 2022 година доби уште 1 ипол година затвор за оружје.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владата со нова телефонска линија за повредените и семејствата од Кочани

Дејан Дејан

Крвопролевањата продолжуваат – убиени 22 Палестинци во израелски напад во Појасот Газа

Дејан Дејан

Загинаа три лица во руски ракетен напад врз Харков

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе