Извршната наредба е потпишана, тарифите на Вашингтон стапуваат на сила. Американскиот претседател Доналд Трамп остана доследен и воведе сеопфатни царини за увоз на производи во САД на денот што симболично го наслови како „Ден за ослободување“.
Кој помалку, кој повеќе, но погодени се, речиси, сите. Од мерката не е заобиколена ниту Македонија, чии производи при увоз во САД ќе се царинат со 35 отсто. Царините за увоз на производи од Кина ќе бидат 34 отсто, за увоз од Европската Унија – 20 отсто, за увоз од Индија – 26 отсто, од Јужна Кореја – 25 отсто, од Јапонија – 24 отсто. На мета се најдоа и земјите од Западен Балкан, па така царините за увоз од Србија ќе изнесуваат 37 отсто, од БиХ – 35 отсто, од Македонија – 33 отсто, од Црна Гора, од Косово и од Албанија по 10 отсто.
Од новите царини се изземени Русија, Белорусија, Северна Кореја и Куба, укажуваат дел од медиумите. Според портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит, причина за нејзино изоставување се американските санкции кои веќе оневозможуваат било каква значајна трговија меѓу двете земји.
Основната тарифа во новата политика на американската администрација е 10 отсто и ќе почне да се применува од 5 април. Реципрочните тарифи, пак, за одредени земји ќе стапат во сила од 9 април. Според Трамп, тарифите се одговор е на вонредната економска состојба, велејќи дека Америка е „силувана и ограбена од другите држави“.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен ги опиша царините на Трамп како голем удар за глобалната економија. Таа порача дека Европската Унија е подготвена да одговори со контрамерки, доколку пропаднат преговорите со Вашингтон.
Германскиот канцелар Олаф Шолц во четвртокот го критикуваше обемниот пакет на царини на администрацијата на Трамп, велејќи дека е „напад“ на трговскиот систем кој донесе глобален просперитет“. На одлуката на Трамп се противи и Кина која предупреди дека ќе преземе неопходни мерки за одбрана на своите права. Според официјален Пекинг, тарифите ги прекршуваат правилата на Светската трговска организација, им штетат на заедничките интереси на луѓето и нема да бидат од корист на самите САД. Ефекти веќе чувствуваат светските берзи, додека аналитичарите сметаат дека потегот на американската администрација е непопуларен и е сериозен чекор кон ескалација на трговска војна во светот.
Сашко Димовски