Бруклинската романтична комедија „Анора“, приказна за Пепелашка во стриптиз бар, без крај како во бајка, на 97-мото доделување на престижните Оскари се круниса со титулата најдобар филм и му ја донесе главната холивудска награда на Шон Бејкер. Добитникот на Златната палма на Канскиот филмски фестивал, стана неверојатен фаворит.
Приказната на Бејкер за еротската танчерка која бега со руски олигарх е направена за само шест милиони долари. Со освојувањето на „Оскарите“ за најдобар филм, најдобра режија, најдобра монтажа и најдобро оригинално сценарио, Шон Бејкер се изедначи со Волт Дизни, кој од 1954 го држеше овој рекорд. Тој порача „Филмаџии, продолжете да снимате филмови за големото платно“.
- Каде се заљубивме во филмовите? Во кино. Гледањето филмови во кино пред публика е едно искуство заедно плаче, заедно се смееме, заедно врескаме можеби и да седиме разочарани во тишината. Во моментите во кои се чини дека светот е длабоко поделен, тоа може да биде поважно од кога било претходно, рече Бејкер.
Малата ѕвезда Мајки Медисон ја доби наградата за најдобра актерка за нејзината пробивна изведба во „Анора“, победа извојувана над фаворитката во истата категорија, Деми Мур за филмот „Супстанција“.
- Сакам уште еднаш да ѝ оддадам почит на заедницата на сексуални работници. Ќе продолжам да ја поддржувам и да им бидам сојузник на сите неверојатни жени и луѓе кои имав чест да ги запознаам од таа заедница. Тоа беше една од најпрекрасните од ова неверојатно искуство, рече Мајки Медисон, добитничка на Оскар за најдобра актерка.
Зои Салдана го освои првиот Оскар за најдобра споредна женска улога во „Емилија Перез“. Последен во низата награди собрани изминатиов период. Првиот Златен глобус во јануари и наградите на Британската филмска академија. Во мјузиклот на шпански јазик „Емилија Перез“ на Жак Аудиар станува збор за промена на полот на мексикански трговец со дрога.
- Мојата баба дојде во оваа земја во 1961 година, јас сум гордо дете на родители-имигранти Со соништа и достоинство и макотрпна работа, јас сум прва Американска во доминиканско потекло којашто била наградена од Академијата и знам дека нема да бидам последна. Се надевам. Фактот дека ја добив наградата за улога во која можам да пеам, пишувам и зборувам на Шпански јазик. Мојата баба, да беше тука ќе беше пресреќна Ви благодарам, рече Зои Салдана.
Дваесет и две години откако ја доби наградата за најдобар актер за „Пијанист“, Адриен Броди повторно го доби истиот Оскар за неговата изведба како уште еден преживеан од Холокаустот во „Бруталист“ на Брејди Корбет. „Овде сум уште еднаш да ги претставам траумите и последиците од војната и систематското угнетување од антисемитизмот и расизмот “, рече Броди.
„Конклавa“ доби Оскар за најдобро адаптирано сценарио. Филмот за папска интрига е напишан од британскиот автор-драматург Питер Страган, базиран на истоимениот роман од 2016 година на британскиот романсиер Роберт Харис. И Страган и Харис се ветерани во жанрот трилер.
Билјана Ставрова
