Каква ќе биде судбината на хотелот „Бристол“ и на „Арапската куќа“, поранешен хотел „Јадран“? – Ова прашање се наметна, откако во „Македонија турист“, која е сопственик на објектите, влегоа бизнисмените Фатмир Етеми и Зоран Антиќ.
Фактор.мк објави колкава е вредноста на акциите кои се продадени.
Призма објави за заканите кон културното наследство кое е во сопственост на „Македонија турист“
Двајцата се соочија со протести од јавноста поради нивните градежни зафати и се познати по изградбата на висококатници.
Етеми наиде на критики за изградбата на зграда кај споменикот – Воена болница. И покрај мислењето на Конзерваторскиот центар дека е недозволиво зграда од 17 ката да никне во близина на културно значен објект, багерите на неговата компанија ЗСФ КОМ си почнаа со работа.
Невладината „02“ беше најгласна и се обидуваше да укаже на последиците од изградбата, но и за незаконитости во постапката. Но, Општина Карпош не го прифати нивното барање за поништување на одобрението за градба и покрај негативното мислење и од Конзерваторскиот центар.
Антиќ, пак, предизвика револт поради изградбата на трите висококатници спроти хотелот „Холидеј ин“. Архитекти и граѓански здруженија бараа да се суспендира планот за градба. Од „МГ Фешн“, фирмата на Антиќ, се правдаа дека просторот на поранешниот паркинг ќе стане модерен центар со многу јавни површини, зеленило и ќе биде гордост на Скопје.
И Етеми и Антиќ на крајот си го истераа своето. Во „Македонија турист“ сега Етеми има удел од 9,84 проценти, а Антиќ 7,69. Но, бизнисменот Доне Таневски, кој три децении е во хотелскиот гигант, се уште го има мнозинскиот удел од 23,4 проценти.
Но, уште еден бизнисмен влезе во „Македонија турист“. Симеон Павлов не е градежник, туку неговата фирма „Чезакомерц“, се бави со трговија. Сепак, со неговите 8,19 проценти, Етеми и Антиќ заедно би имале најголем удел во „Македонија турист“ или за над 1 процент повеќе од Таневски.
Тие така би имале шанса да го имаат последниот збор за иднината на обележјата на главниот град. А со акциите на „Македонија турист“ сè уште се тргува. Акционерското друштво во чија сопственост се низа хотели минатата година имало добивка од околу 1 и пол милиони евра.
Марија Митевска