Универзитетското студентско сообрание за денеска (22 ноември) најавува протест поради проблемите со јавниот превоз. Според најавите, протестниот марш ќе започне од 14 часот пред Стара Пошта и ќе продолжи во 14:30 часот пред Град Скопје. Организаторите ги повикаа сите да излезат на протестот и да го искажат незадоволството.
Студентите велат дека проблеми со градскиот превоз имале и претходно со тврдење дека автобуси чекале и по половина час. Организаторите на протестот апелираат на воспоставување на нови и ефикасни транспортни решенија и, конечно, отпочнување на предвидените инфраструктурни проекти најавени во градоначалничката предизборна програма, но и од страна на претходните градоначалници.
Нивните барања се продолжување и финализирање на проектот за „Bus Rapid Transit“, воведување на градска железница со искористување на постоечките капацитети и изградба на пруга до Аеродромот Скопје, отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти, набавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии, надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативни видови на транспорт.
