Одложен повикот на ЕВН Хоум на кој ЕСМ требаше да достави понуда со нова цена на струјата за домаќинствата.
Иако требаше да биде денеска, од ЕВН Хоум за Телма соопштија дека тендерот за понудите ќе биде на 28 ноември.
Од тоа каква цена ќе понудат државните електрани најмногу ќе зависи какви сметки ќе имаат граѓаните од први јануари.
Моментално мегават од ЕСМ чини 60 евра. Мицкоски рече дека големи промени нема да има. Ако дојде до поскапување, тоа ќе биде до 3 проценти. Смета дека понудата од ЕСМ ќе се движи помеѓу 58 и 62 евра.
Останатите енергетски компании пак до Регулаторна доставија барања за поскапување на својата услуга од 50 до 80 отсто. За претседателот Бислимовски ваквите барања не се прифатливи.
Новата цена за преносот и дистрибуцијата треба да се донесе до крајот на ноември. Меѓувреме, ЕСМ продолжува да набавува струја за целосно покривање на домашните потреби.
Компанијата побара да купи над 60 илјади мегават часови струја. Резултатите по која цена од кои фирми трговци со струја и колкава количина успеале да обезбедат се уште не се објавени.
На берзите цените пораснаа и надминуваат и над 300 евра за мегават час, а домашните капацитети не се во најдобра состојба и постојано се прават набавки. Претходно ЕСМ спроведе неколку набавки на струја за кои потроши милиони евра, за да ги покрие домашните потреби.
Компанијата не е во најдобра состојба па поради тоа подигна кредит од домашните банки од 80 милиони евра. Според, извештајот за минатата година, ЕСМ потрошиле над 30 милиони евра за враќање на краткорочни кредити по домашни и странски банки.
Годинава пак вкупната сума за тоа изнесува близу 40 милиони евра. Од државната фирма информираа дека прават ревизија на работењето на претходното раководство на компанијата, а на барање на МВР и на Финансиската полиција веќе предале дел од документацијата.
