За Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, обвинителството се откажа од кривичен прогон за случајот со транспорт на пиротехника. Внукот на Али Ахмети имал документи за набавка и за организирање на огномет, поради што обвинителството оценило дека не станува збор за кривично дело туку за прекршок. КОД во денешното издание објави дека случајот со пиротехника на крајот на летото повторно е вратен во МВР.
Во скопското обвинителство веќе е завршена предистрагата за друг случај со Дрин Ахмети. За пиротехниката, кога беше фатен со пиротехника и огномети во полн автомобилски гепек. Голема количина, иако Дрин АХмети се правдаше дека е за внуците за Нова година. Беше уапсен и кратко задржан во полиција лани неколкеу дена пред Нова година.
Обвинителството ни одговори дека во тој случај не е пронајдена основа за кривично гонење на внукот на лидерот на ДУИ и случајот е вратен во МВР.
ОДГОВОР ОД ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО:
Јавен обвинител од ОЈО Скопје издаде Наредба до МВР – Биро за јавна безбедност – СВР Скопје со која побара поведување на прекршочна постапка против пријавениот согласно одредбите од Законот за заштита од експлозивни материи. Во текот на постапката беше утврдено дека не се исполнети законските облежја на кривичното дело – „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“, ниту пак на било кое друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност.
Вештак на обвинителството утврдил дека станува збор за 7 петарди и 15 кутии меѓусебно поврзани огномети. За набавката на огнометот, Дрин Ахмети на обвинителот во истрагата покажал фактура од фирма чија дејност е продажба на пиротехнички средства, а за изведба на огнометот било ангажирано друго правно лице, стои во одговорот.
ОДГОВОР ОД ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО:
Согласно извештајот, предметниот пиротехнички материјал кој бил пронајден и одземен не е од поголемо количество кое може да иницира кривичен прогон и евентуална кривична одговорност, а во прилог на тоа говори и фактот што МВР како надлежен орган, за настанот достави известување, а не кривична пријава до обвинителството.
Сепак, јавниот обвинител, постапувајќи и испитувајќи ги сите околности, утврди дека лицето не поседувало одобрение за превезување на пиротехничките средства како што налага Законот, нешто што претставува прекршок за кој Законот за заштита од експлозивни материи има посебни прекршочни одредби во чл.69 и за кои е предвидено да се води прекршочна постапка од страна на комисија во МВР.
Казната, глобата за тоа дело е меѓу 100 и 250 евра. Толку пари ќе треба да „испука“ кон касата на МВР и државата, внукот Дрин Ахмети и за тоа нема да има потреба од нов трансфер на пари од Америка.
Миомир Серафиновиќ
Прилогот е дел од истражувањето од емисијата КОД:„Непријавени пари во Лотарија, коцкање на диво, Дрин Ахмети и САД“ прикажано на 03.11.2024.