На 5 август Државната лотарија доби нов директор. Во фотелјата седна редовниот професор на Правниот факултет, Александар Климовски.
Беше најавен како еден од најпознатите и водечки правни експерти во регионот за регулирање на игрите на среќа. На факултетот предава предмети како што се Право на друштва, Корпоративно управување, Корпоративна етика и Право на игрите на среќа.
А неговото обемно знаење и искуство во областа на правото и корпоративното управување дека ќе придонесат за понатамошниот развој и унапредување на Државната лотарија.
На хартија тој е идеалниот кандидат за функцијата, но, КОД дојде до информации со кои се отвора прашањето дали во неговото назначување има конфликт на интереси. Притоа Климовски своето знаење дебело го наплатил.
Имено, сознанијата на КОД се дека Климовски, минатата година и до изборот за прв човек на Државна лотарија, извршувал консултантски услуги за Касинос Аустриа Интернационал Македонија.
Месечно му носеле приход од над 9000 евра или речиси девет пати повеќе пари отколку што сега му изнесуваат приходите од новата функција, со која всушност е надреден на Касинос Аустриа.
Своето знаење на странскиот партнер на Државна лотарија чинело далеку повеќе од сегашната плата на Климовски, која според анкетниот лист му изнесува 1100 евра.
Илјадници евра хонорар
КОД истражи што се пријавил Климовски во Антикорупциска. Поседува стан во Кисела вода, кој му бил подарок, а е во вредност од речиси 114 илјади евра. Потоа возило од марката BMW од 2009 година од околу 8000 евра. Додека пак приходите кои ги пријавил во Антикорупциска во државна лотарија и видеолотарија му изнесуваат вкупно 68 илјади денари.
Според сознанијата до кои дојде КОД во истражувањето, консултантските услуги кои Климовски ги извршувал во последните две години му носеле повеќе пари од вкупната сума на имотот која е пријавена во ДКСК.
Климовски минатата година месечно за своите услуги на Касинос Аустриа Интернационал Македонија добивал по околу 650 илјади бруто износ, односно со платениот данок му останувале по 586 илјади денари или нешто над 9500 евра.
Исплати имал за 7 месеци во 2023 година. Вкупно заработил речиси 67 илјади евра.
Годинава до август месечно земал по околу 584 илјади денари. Вкупно за неговите услуги во рок од 7 месеци наплатил околу 66 илјади евра.
Значи Климовски за 14 месеци консултантски услуги заработил повеќе отколку што чини неговиот стан во Кисела вода. За овие приходи нема никакво посочување во имотниот лист кој како функционер го пополнува и го доставува до Антикорупциската комисија.
Потенцијален конфликт на интерес?
Државна лотарија е во целосна сопственост на државата. Со измените на законот за игри на среќа усвоени на крајот на 2012 година се отвори можност акционерското друштво каде што државата поседува најмалку 51 процент да се здружи со приватна фирма за приредување на електронски игри на среќа. Така се формираше Државна видеолотарија, која како што кажува и нејзиното име е во доминанта сопствен на државата, но има и странски партнер.
Тој странски партнер со удел од 49 отсто акции е Касинос Аустриа Интернационал Македонија.
Климовски од април 2023 година до неговото назначување во август, според нашите информации, извршувал консултантски услуги за Касинос Аустриа Интернационал Македонија. За неговиот ангажман добивал и хонорар.
Сега всушност Климовски како директор на државна лотарија може да влијае и на одлуките во врска со Видеолотаријата, чиј косопственик е фирма за која претходно работел.
Тој и по автоматизам е член на надзорниот одбор на видеолотарија. Заедно со Горан Бошков и Славе Гошев е додаден на 19 септември.
Друштво им прави Аднан Шариќ, кој е директор на Касинос Аустриа Интернационал Македонија.
Тоа значи дека Климовски како прв човек на Државна лотарија ќе носи одлуки и за работењето на видеолотарија и ќе треба да ги штити интересите на државата. Но, дилемата е дали човек кој претходно извршувал консултантски услуги за приватната фирма со помал удел во видеолотарија, сега ќе нови одлуки против нивните интереси.
На прашањето до Државна видеолотарија за тоа какви консултантски услуги за Касинос Аустриа Интернационал Македонија извршувал Климовски пред да стане директор на Државна лотарија не ни одговорија, туку не упатија на друга адреса.
Одговор од Државна видеолотарија:
„За сите прашања поврзани со Касинос Аустриа Интернационал Македонија, замолуваме, да се обратите во Компанијата Касинос Аустриа Интернационал Македонија.“
Но, посочениот странски партнер всушност ја сочинува Државна видеолотарија и е составен дел од нејзиното работење.
Државната комисија за спречување на корупција е телото ко се бави со потенцијалниот судир на интереси. Според ДКСК, судирот на интереси може да биде вистински / фактички, видлив и потенцијален.
Дефиниција на ДКСК:
„Потенцијален судир на интереси постои кога службеното лице има приватен интерес што би можело да биде во судир со неговата службена должност во иднина.“
Инаку досега имаше само еден случај на изземање поради конфликт на интерес на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Пред да почне да ја извршува функцијата работел како адвокат и ја застапувал фирмата која требаше да гради катна гаража кај Собранието. МВР во меѓувреме под негово водство требала да се изјасни на прашањето дали треба на фирмата да и се врати одобрението за градба, при што Тошковски се изземал од одлучувањето.
Тајминг за консултации речиси истовремен со новото
партнерство на Австријците и Лотарија
Соработката на Климовски со Касинос Аустриа започнува речиси во исто време кога се формира и Новата државна видео лотарија НОВО ВЛТ. Државната лотарија во оваа фирма за приредување електронски игри на среќа има 51 отсто, а ХТЛ Македонија, која е во сопственост на австриски Новоматик, има 49 отсто.
Освен консултантски услуги, Климовски во минатото беше ангажиран и како соработник. Климовски во 2019 година стана дел од тимот на сегашниот премиер Христијан Мицкоски, а тогаш лидер на опозицијата во 2019 година како стратешки соработник за прашања од областа на корпоративното право.
ВМРО-ДПМНЕ, како што тогаш порача Мицкоски отвори ново поглавје со тим на стратешки соработници со врвни биографии. А Владата е таа која ги избира челновите на надзорниот одбор на Државна лотарија, кои потоа го избираат претседателот на Управниот одбор кој воедно е и генерален директор на друштвото, односно Климовски.
Марија Митевска
Истражувањето беше емитувано во КОД:„Непријавени пари во Лотарија, коцкање на диво, Дрин Ахмети и САД“ на 03.11.2024.