Домати, краставици и пиперки од 100 до 130 денари, боранија 140 денари, праски 50 денари, грозје од 80 до 100 денари. Изгор цените на пазарските тезги растат секојдневно, особено со наближувањето на сезоната на правење на зимници. Најевтините пиперки ајварки се продаваат по 80 денари за килограм. Последната пресметка на потрошувачката кошничка покажува дека на четиричлено семејство му се потребни над 1.000 евра месечно за основни трошоци.
Најмногу пари, околу 22.000 одат само за храна и пијалоци. Ако на ова се додадат и сметките за струја, вода, греење и телефони, во зимскиот период оваа сума надминува 76.000 денари месечно. Од почетокот на годинава минималната потрошувачка кошница е зголемена за 4.600 денари. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април годинава изнесува 41.085 денари, што значи дека, со една плата се полнат едвај 60-тина проценти од кошничката.
Сепак, во владата не планираат да ги замрзнат цените на основните производи или да ги намалат маржите.
Скокот на трошоците за живот, влијае и врз инфлацијата. Статистичките податоци укажуваат дека, во текот на летото, високите цени во рестораните и во хотелите, високите трошоци за транспорт, лекување и домување го одржуваат високото ниво на инфлација. Државниот завод за статистика во јули измери инфлација од три проценти на годишно ниво, што за Мицкоски значи смирување. Признава дека би требало да биде уште пониско, но очигледно тоа нема да се случи во месеците што следуваат. Очекува до почетокот на есента институциите да се стабилизираат, буџетот до крајот на годината ќе стигне до нула, а развојот и напредокот да почне дури со буџетот за следната година.
Претходните години во неколку наврати беа „замрзнувани“ цените на основните производи, а беше ограничувана и маржата. Во 2022 година, во трговијата на мало, највисоката маржа беше ограничена на пет отсто во трговијата на големо и на 10 отсто во трговијата на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното, маслото, месото, млечните производи и тестенините. Беа предвидени и високи глоби, но дел од трговците не го почитуваа ограничувањето, по што во два наврата минатата година беа замрзнати цените на основите прехранбени производи.
Далиборка Демјанска Цветановска
