МКЦ е пред неофицијален банкрот. Со безброј долгови пред бендови, фирми, уметници, издавачи. Час поскоро мора надлежните да преземат нешто и проверат каде се потрошени парите на изведувачите, издавачите и на добавувачите.
Ова е алармот што го вклучи музичкиот новинар, публицист и промотор Тошо Филиповски, во врска со состојбата во МКЦ, откако лани градоначалниката Арсовска, за в.д. директор го постави Никола Алексов, по професија детектив, а од почетокот на 2024, на функцијата директор дојде музичарот Бени Шаќири.
Филиповски најави тужба до МКЦ, зашто како што вели, не му се исплатени средства од половината на 2023, заклучно до февруари оваа година, за продажбата на артикли во продавницата „Апотека“. Таа, по 7 години постоење е затворена во февруари, како дел од одлуката на директорот Шаќири, поради изборниот процес пролетта, да не ги продолжи договорите на 30 ангажирани во МКЦ со договор на дело.
Го подигам својот глас, а ги повикувам и останатите коминтенти на АПОТЕКА да го сторат истото, поради неисплаќањето на финансиите што МКЦ како сопственик на продавницата ги должи кон мене за продадени книги, плочи и цд-а, врз основа на регуларно издадени фактури во изминатата 2023 година и јануари 2024. Односно, за продадени производи пред повеќе од една година. Иако според договорот се должни веднаш да биде направена исплата за продадените производи, рече филиповски.
Филиповски вели дека безмалку 18 месеци, ниту им се обновуваат договорите на коминтентите на „Апотека“, ниту им се исплаќа продадената стока, ниту смеат да си ги повлечат непродадените производи. Тој им сугерира и тие да го тужат МКЦ.
За продажба на овие производи се изготвуваше договор на година дена, заедно со спецификација, кој што со доаѓањето на детективот како директор, се сведе на 3 месеци, а со доаѓањето на последниот директор, тенденциозно се намали на месец дена. Оттогаш започнува систематското уништување на МКЦ, и на АПОТЕКА, рече филиповски.
При разговор со актуелниот директор, Филиповски дознал дека е отстранет и неисплатен до крај зашто пред пред 6 години се потпишал на петицијата Бени Шаќири да не биде директор на МКЦ.
МКЦ е сериозна културна институција која треба, сака и мора да работи во рамките на законот, а не по желба и урнек на поединци кои злоупотребувајќи ја, веднаш скокаат кога желбите не се реализирани, вели во одговор за Телма, директорот Шаќири.
„Апотека“ ќе работи во склад со закон и правила, во интерес на граѓаните на Град Скопје, а не како Дедо Мраз – институција, која ги реализира желбите на оние кои гледаат само профит и ништо повеќе, ни рече шаќири.
Никој не е над законот, сѐ што должи МКЦ ќе биде исплатено, дополнува директорот на МКЦ.
Сотир Трајков