Блескав и енергичен настап на светската поп икона, Грејс Џонс. Вака на кратко може да се опише синоќешниот концерт на славната американска пејачка, по потекло од Јамајка, што се одржа на стадионот на АРМ, во рамките на фестивалот „Скопје колинг“, во организација на Авалон продукција. Грејс Џонс го започна настапот со култната нумера „Ноќни клубови“, продолжи со песната „Клуч“, која ќе се најде на нејзиниот следен албум, а потоа изведувајќи ги најголемите хитови во кариерата приреди уникатно доживување. Тоа можеше да се доживее од визуелното обликување на сцената, промените на гардеробата за секоја песна од страна на Џонс, беспрекорно отсвирените нумери од нејзиниот бенд, но пред сѐ поради нејзиниот моќен глас и шеговити забелешки, во кои публиката уживаше и бурно аплаудираше по секоја песна.
Спонтаноста на Џонс дојде до израз кога ги фрли високите чевли од нозете кон крајот на настапот, а дека ништо не и можат нејзините 76 години, покажа вртејќи хулахоп и пеејќи ја „Роб на ритамот“. Сепак, климаксот на концертот беше постигнат кога изведувајќи ја „Повлечи се до браникот“, беше спуштена до публиката, за да ја допре и поздрави од блиску.
Иако имаше негодувања за доцнењето на почеткот на концертот, поради многу топлото време што Џонс сакала да го избегне пред настапот, публиката од Македонија и регионот која дојде на концертот, замина задоволна имајќи можност да присуствува на концерт на исклучително оригинален и харизматичен артист, каква што е Грејс Џонс.
Сотир Трајков
