Легендарниот актер Доналд Сатерленд почина на 88-годишна возраст во Флорида, соопшти семејството на глумецот роден во Канада.
Сатерленд беше носител на главни ролји во култните и познати филмови како темната воена комедија “М*A*S*H” од 1970., беше еден од храбрите воини со проблематично минато во “12-те жигосани”, а и со полни 8 децении забележа врвно остварување во “Игрите на гладните”.
Во кариерата долга над 60 години оствари над 140 филмски улоги, а настапи во 42 телевизиски серии и филмови. Често ги пополнуваше филмските сцени како ладнокрвен мистериозен негативец кој со тивок, впечатлив и длабок глас ги предизвикуваше хероите и добрите “момци”.
Еден американски критичар го опиша како работлив и вреден уметник кој знае да ги смени и прилагоди и ликот и појавата согласно потребите на режисерот и на филмот.
По неговата смрт, во родната Канада се присетија на неговите почетоци, но не на филм или на ТВ туку на радио. Почнал на 15 години откако ги убедил шефовите и ѕвездите на радиото дека неговиот глас е доволно добар за да ја збогати програмата. Презентирал и вести.
По драмските студии и актерската школа, заминува во Холивуд и првиот пробив го прави во филмот “12-те жигосани”.
Комбинацијата на ладнокрвност, интелигенција и длабок глас му носи голема доверба меѓу големите режисери како Оливер Стоун (филмот за атентатот врз Кенеди, “Џ.Ф.К”), Роберт Алтман (спомнатиот МЕШ), Ентони Мингела (“Студена планина”), Клинт Иствуд (“Вселенски каубојци”), Мајкл Крајтон (“Големиот грабеж на возот”).
Во приватниот живот, се женеше трипати, има 4 деца од кои тројца синови (со уште една внука) се дел од филмскиот клан Сатерленд кој го почна токму тој. Најпознат, после него е синот Кифер Сатерленд.
Има добиено две награди Златен глобус и една Еми, сите за најдобра споредна улога во телевизиски филм. Награден е со двете статуетки за улога на руски офицер кој го брка и лови првиот советски сериски убиец Чикатило во ТВ филмот “Граѓанинот Икс”. И вториот Златен глобус му е за телевизиска улога по вистинска личност од кабинетот на претседателот на САД, Линдон Џонсон (“Патека на војната”).
Иако фален и славен, иако го делеше филмското платно со најдобрите актери и најголемите ѕвезди од сите генерации, никогаш не доби Оскар. Не му беше доделена ниту една номинација за најблескавата статуетка во американската филмска индустрија. Премногу прилагодлив и претерано артистички за вкусот на Холивуд кој на крај во 2017-та мораше да му ја признае филмската величина со Оскар за животно дело или официјално наречена Почесна награда на Академијата. Единствен е што без номинација успеал да добие таков почесен Оскар.
Глумеше до крајот, неговиот последен филм “Земјата на срцето” допрва ќе се прикажува.