Одговорност за министерот за здравство Илир Демири од надлежните органи ќе бара Антикорупциска во врска со разрешувањето на двајца директори на скопски клиники. Марјан Шокаровски од Клиниката за кардиохирургија и за Данил Петровски од Клиниката за Токсикологија. Двајцата беа разрешени минатиот месец, што според ДКСК било незаконски, бидејќи не само што изборите биле во тек, туку ниту управниот одбор, ниту здравствениот совет на установите не утврдиле претходно дека постојат основи за такво нешто.
Демири се правдаше дека нерегистрирани пациенти во системот „Мој термин“ и нарушени меѓучовечки односи се причината поради која Шокаровски на 27 мај остана без неговата функција. На грб на Шокаровски му се стави и зголемената смртност на клиниката, што потоа се покажа дека била незначителна. Шокаровски тогаш не ги коментираше причините за неговото разрешување, но, укажа дека тоа е незаконски.
И додека се случуваше хаос на Токсикологија, а министерот Демири застана зад организационата директорка Бесије Иљази, тој го прекршил законот со отказот за медицинскиот директор Петровски.
Образложението на Демири беше дека тоа е поради неправилност во работата. Тогаш реагираа и вработените во Клиниката кои го осудија овој чин и укажуваа дека разрешувањето е незаконско.
А токму незаконски, според ДКСК, постапила другата директорка Иљази која склучила договор на дело со 18 лица на клиниката на кои им престанал работниот однос. Договорите требало да бидат потпишани не само од неа, туку и од Петровски, односно од двајцата директори како што налага законот.
И здравствените инспектори претходно констатираа дека Иљази спротивно на законот им ги потпишала решенијата на договорците со кои им се продолжи работниот однос до крајот на годинава. Меѓу нив беше и болничарот кој се обиде да лажира резултати на урина со наркотици, што предизвика низа реакции во јавноста.
И додека Антикорупциска заседаваше, заменик министерката за здравство Маја Манолева беше на средба со дел од стручниот и лекарскиот колегиум на токсикологија од кои побарала да дадат предлог за именување на медицински директор. Тие ја информирале дека во најбрзо време ќе се состанат и ќе достават предлог до Министерството за здравство.
Марија Митевска