Вести Македонија Најважни

Започна па се одложи отчетниот Конгрес на СДСМ на кој се трага по одговорот – каде згреши партијата на двојните избори

„Ќе има за што да се разговара“ – со овие зборови, највисоките партиски функционери го најавија отчетниот Конгрес на СДСМ.

Делегатите се собраа, раководството на партијата ги зазема првите редови во салата. Сите дојдени во потрага по еден одговор – каде згреши Социјалдемократскиот сојуз, на изминатите избори.

Неколку часа по почетокот, се одложи продолжението на Конгресот.

Се појавија шпекулации дека во салата нема доволен број на делегати и дека тоа е причината што Конгресот ќе остане за друг ден.

Од партијата сепак го отфрлаат сето ова.

Официјално, општинските организации на СДСМ побараа време да го разгледаат обемниот извештај кој се однесува на парламентарните и претседателските избори.

„Како општински организации имаме потреба од повеќе време за да го разгледаме извештајот, да го анализираме и да дадеме и ние свои предлози, забелешки и сугестии. Во овој момент, ова е една од најважните теми за Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, вели Трајче Kалевски од Општинската организација на СДСМ – Крушево.

Во официјалното партиско соопштение, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија информира дека предлогот бил поддржан од мнозинството присутни делегати.

Ова се случува на точно три недели до изборот на нов претседател и ново раководство на партијата, откако сите ги депонираа своите оставки по катастрофалниот изборен резултат.

Конгресот ќе продолжи на друг датум кој дополнително ќе биде определен, а пред денешниот почеток, се произнесоа дел од досегашните функционери.

„Очекувам да се разговара конструктивно за сите прашања коишто влијаеа на изборниот резултат и на овие избори меѓутоа и на изборите во 2021 година бидејќи тогаш не беше одржан отчетен конгрес. Мислам дека ќе биде еден успешен Конгрес, од којшто Социјалдемократскиот сојуз на Македонија треба да излезе посилен и пообединет и да влезе во процесот на финализирање на изборот на нов претседател и ново раководство“, вели Димитар Ковачевски, Претседател на СДСМ.

 

„Сметам дека ова е точка на преврат во партијата и затоа ова е многу важен ден за мене. Има само една промена на Статутот, а тоа е поврзано со изборот на претседателот. Други измени не, ќе оставиме на новото раководство да ги направи. – вели  Фатмир Битиќи, Потпретседател на СДСМ.

Паралелно со свикувањето на денешниот отчетен конгрес, во СДСМ започна постапката за избор на нов лидер и целосно ново раководство.

Партиските избори се закажани за 30 јуни и има четворица претенденти за претседателската позиција. Претседателот ќе го изберат членовите, со гласање на непосредни избори.

Актуелните пратеници и поранешни министри Венко Филипче и Славјанка Петровска, како и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски поднесоа свои кандидатури за претседател на партијата.

 Петар Догов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе