Вести Македонија Најважни

Се бројат деновите до одобрувањето на обвинителниот акт за убиствата на Панче и Вања

Во понеделник одбраната на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски ќе поднесе приговори до Кривичниот суд по обвинението за случајот. Она што  најмногу ја шокираше јавноста за свирепото убиство на 14 годишното девојче е токму евентуалната инволвираност на нејзиниот татко кој, според исказите, на останатите обвинети го информирал Љупчо Палевски Палчо за движењето на Вања на кобниот 27 ноември, минатата година. Но, неговата одбрана тврди дека Ѓорчевски не помогнал во грабнувањето на неговата ќерка.

Владимир Туфегџиќ, адвокатот на Ѓорчевски за Телма вели дека по извршениот увид во списите и доказите од 29 мај и 10 јуни, приговорот ќе биде поднесен согласно законот, бидејќи за обвинетиот  не постоело правна основа постапувањето да продолжи во следниот стадиум на кривичната постапка, во фаза на главна расправа, поради немање докази. Туфегџиќ додава и дека Ѓорчевски ги прибрал и ги предал доказите на кои всушност се заснова обвинението.

„Со обвинението не е доставен ниту еден доказ за тоа, како по време, место и начин се извршени дејствијата на помагање во сторување на кривичното дело. Советот за оценка на обвинителниот акт ќе биде запознат со доказите за тортура спрема осомничениот која била вршена во полициската постапка, како и за времето на издржувањето на мерката притвор во форма на физичко и психичко насилство, со цел по секоја цена да се изнуди признание од осомничениот.“ – Владимир Туфегџиќ, адвокат на таткото на Вања.

Доказите за тортурата врз Ѓорчевски, како што додава Туфегџиќ, се содржани во лекарски извештај, како и во извештајот на Хелсиншкиот Комитет за човековите права изготвен на 10 мај, а известена е и Управата за извршување на санкции.

„Доколку за осомничениот постоеле цврсти докази немало потреба да се врши психичко и физичко насилство на особено понижувачки начин за да се изнуди признание.Во оваа смисла ќе поднесеме кривична пријава до ОЈО за ГОКК надлежен за постапување во ваков случај. Со листата на докази секако дека ќе предложиме директно испитување на сведоци, вклучително и полициски службеници, кои дале свои искази во истражната постапка.“  Владимир Туфегџиќ, адвокат на таткото на Вања

Се бројат деновите до одобрувањето на обвинителниот акт, кој пред недела дена  стигна во Кривичниот суд. Одбраната на обвинетите има рок од 8 дена да поднесе приговори, по што ќе треба да се закаже и судење за случајот.

Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, се обвинети дека биле соизвршители во грабнувањата и убиствата на Вања и на велешанецот Панче Жежовски. Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп. За Палевски, кој е осомничен дека е организатор на грабнувањата и извршител на убиствата, истрагата е во тек, по неговата екстрадиција во земјава.

Марија Митевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе