Вести Култура

Прилеп ќе пулсира во знакот на 58. МТФ „ Војдан Чернодрински“

Со изведба на претставата „ Хеда Габлер“ , во продукција на Драмскиот театар од Скопје, вечерва во Прилеп ќе започне 58 издание на македонскиот театарски фестивал „ Војдан Чернодрински“.Новитет годинава е востановената награда од публиката, а за сите награди ќе се натреваруваат уште 10 претстави, работени како современ прочит на драмската класика и како нови постановки, според драмите на Горан Стефановски. Тој е автор во фокусот на ова фестивалско издание. Богатата програма што се подготвуваше цела година е конципирана и за возрасните, и за децата.

Прилепчани се информираат и одбираат претстави од објавената програма за 58 издание на МТФ „ Војдан Чернодрински“, што започнува вечерва. За тоа имаат причина повеќе, зашто новина на годинашното фестивалско издание е востановената награда од публиката, која ќе избере претстава, давајќи од 1 до 5 бода. Според претседателката на Собранието на фестивалот и селекторка на програмата, иницијативата од пред некоја година , со која се проширува демократскиот капацитет на „ Војдан Чернодрински“, конечно заживува.

  • Овогодинешниот фестивал кога го подготвувавме , на иницијатива на членовите на Собранието на фестивалот , тоа се директорите на националните театарски институции , се востанови оваа награда. Се надевам на радост и на публиката. Се надевам и на радост и на самите учесници во претставите, кажа претседателката на фестивалското Собрание , Ана Стојаноска.

Вечерва на свеченото отворање, на актерите Мими Таневска- Србиновска  и Јордан Витанов ќе им бидат доделени наградите за животно дело. А, натпреварувачката програма ќе започне со настап на Драмскиот театар од Скопје, со претставата „ Хеда Габлер“. Уште 10 претстави ќе се борат за награди. Поставени се како современи прочити на драмската класика и како нови постановки на текстови од Горан Стефановски.

  • Сметав дека е потребно да се покаже каков е односот на денешниот текст, односно на денешниот драматург, неговата работа . Што значи поставувањето на некој текст што претходно бил поставуван. Како се читаат новите третмани на самиот однос на театарот во контекстот во кој што живее. Така што , таа програма е направена со наслов „ Ново читање“. Да видиме како се читаат драмите на Горан Стефановски од денешен ракурс и да видиме како некои дела , што се класици , би биле видени во денешно светло, рече Стојаноска.

Во придружната програма ќе бидат изведени 6 студентски  и претстави од независната сцена. Низ различни активности , недела е резервирана за презентација на драмската оставнина на Горан Стефановски, како автор во фокусот на ова фестивалско издание. Ќе се одржат и тркалезни маси на критиката, работилници, промоции на театарска литература, а ќе има и програма за деца под Саат кулата. „ Чернодрински“ овој пат оди под мотото „ Промени се, промени сѐ “, истакнувајќи ја потребата од промени во македонскиот театар. А, наградите, за кои ќе одлучува регионално жири ќе бидат доделени во фестивалската завршница, на 14 јуни.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе