Поднесено е обвинение за убиствата кои во декември минатата година ја потресоа македонската јавност. Пред лицето на правдата сега ќе бидат изнесени Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов кои се обвинети за грабнувањето и убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски.
Со судот ќе се соочи и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка, односно давал информации за нејзиното движење.
За Љупчо Палевски Палчо, кој сега обвинетите, го посочија дека е организатор на грабнувањата и извршител на убиствата продолжува истрагата. Мотивот им бил да изнудат пари.
Како соизвршители, заедно со уште едно осомничено лице за кое истрагата за исти кривични дела е во тек, испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп, соопштија од обвинителството.
Се започнало со грабнувањето на Панче на 22 ноември, минатата година во Велес со цел да го присилат да им го даде неговиот Цитроен за да го искористат за грабнувањето на Вања.
Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано „Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри, соопштија од ОЈО.
Неколку дена подоцна на 27 ноември, обвинетите и Палевски ја грабнале Вања во влезот од зградата каде живеела на улицата „Наум Наумовски Борче” во Дебар Маало.
Според обвинението, нејзиниот татко преку Палевски дал упатства за времето кога Вања ќе излезе само за да оди на училиште. Видевски, Манев и Кешишов со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога Вања излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи и се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано „Дупки“, во атарот на селото Бразда.
Таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот „Цитроен” со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите, додадоа од ОЈО.
Јавниот обвинител побарал продолжување на притворот за Видевски, Манев и Кешишов, како и продолжување на домашниот притвор за таткото на Вања.
За Стефан Димковски, кој е осомничен дека му помогнал на Палевски да избега во Турција, каде беше уапсен и на средината на месецов екстрадиран во земјава, истрагата продолжува. За него продолжуваат и мерките на претпазливост.
По поднесувањето на обвинителниот акт, обвинетите имаат 8 дена за приговор. Ако не поднесат приговор, тогаш судот го одобрува, а рочиште ќе треба да се закаже за 30 дена.
Марија Митевска