Техничката влада допрва ќе се составува, а партиските табори денес продолжија со преписката – кој е поголем кочничар на патот кон ЕУ.
За опозицијата, причина зошто Македонија не ги почнува преговорите е криминалот и корупцијата во врвот на власта.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека проблемот со соседна Бугарија е само добар изговор за неколку големи сили во ЕУ, кои не се убедени дека Македонија е подготвена за преговори поради нефункционален систем на владеење на правото.
„Доколку не беше така, проблемот со Бугарија големите европски сили ќе го решеа за едно претпладне или попладне можеби и толку немаше да им треба, можеби и за час – два ќе го решеа. Ќе отидеше еден висок европски претставник во Софија ќе се сретнеше таму со кого треба да се сретне и проблемот немаше да постои. Имајќи предвид дека не го прават тоа очигледно е дека Бугарија е само добар изговор за 4-5 големи земји членки на Европската Унија, тука не мислам на Германија. Кои мислат дека Македонија не е спремна да почне преговори“ изјави Александар Николовски, ВМРО-ДПМНЕ.
Денес можевме да славиме, возвраќаат од власта. Но, упорноста на антиверопските сили да не се изгласаат уставни измени ја блокира Македонија и покрај успешно завршениот скрининг-процес.
Од СДСМ ја префрлија вината кон политичките опоненти за деструктивно однесување. Сметаат дека ова е на штета на целата држава.
„Блокадата на антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левица се единствената причина и покрај тоа што имаме успешно завршен скрининг процес, но и покрај тоа што имаме силна и недвосмислена поддршка и отворени врати на Европската унија. Заклучоците на Европскиот совет се кристално јасни. Имаме успешен скрининг и без одлагање ќе биде свикана втората меѓувладина конференција за отворање на поглавјата по изгласување на уставните измени. Деструктивните активни блокади на ДПМНЕ во Собранието се на штета на сите граѓани“ вели Богданка Кузеска, СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не ги откриваат своите позиции и планови во однос на техничката Влада. Ја обвинија владејачката партија за немање храброст да го прифати нивниот предлог за укинување на ваквиот модел на функционирање пред избори.
Претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски, пак, вели – се работи за техничко прашање.
Очекува наскоро да се сретне со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, за да разговараат за составот на Владата и да бидат запазени законските процедури.
Во меѓувреме, тече процедурата и за комплетирање на составот на Државната изборна комисија. Спикерот Џафери побарал од пет опозициски партии на Албанците да му достават предлог за член на Комисијата и ќе чека одговор до понеделник.
Доколку се постигне договор, изборот на член на ДИК може да се најде на седница уште наредната недела.
За ова прашање стигна предупредување од опозицијата. Велат, будно ги следат случувањата и нема да дозволат да се манипулира со изборот на членот на Изборната комисија, во трката за некој глас и пратеник плус.
Петар Догов
