Во Македонија се произведувал шпионски софтвер. Ваква потврда опозицијата добила од разузнавачките агенции на денешната седница на комисијата која ја следи нивната работа. Се работи за софтверот произведуван од компанијата „Сајтрокс“, која се најде и на црната листа на САД.
Опозицијата сега бара да се каже дали тој софтвер нелегално се користи кај нас, особено затоа што се сомневаат дека се постојано физички следени и прислушувани. Побараа и да се избрише степенот на тајност – „строго доверливо“ од информациите за овие софтвери, за чија злоупотреба ќе се дебатира и на редовната есенска средба на парламентарното собрание на Советот на Европа.
Велат дека, прислушувањето во Европа добива други димензии, покрај следењето на повиците и смс пораките, веќе се следат и приватните видеа, фотографии и средби, но се навлегува и во домот.
Од мнозинството, пак, тврдат дека на седницата само се разгледувале извештаи, за кои е констатирано дека се во ред и доставени во потребниот рок.
Информациите подготвени од државните разузнавачки агенции за малициозните софтвери „Пегасус“ и „Предатор“, кои што се користат за нелегално следење на комуникациибеа разгледувани зад затворени врати.
„Пегасус“ се користел од страна на грчките тајни служби за прислушување на политичари, активисти и новинари. И двата софтвери се произведени од израелски безбедносни компании кои имаа регистрирано фирма и во Македонија.
САД ја ставија фирмата „Сајтрокс“ од Скопје, која била во сопственост на израелската компанија „Интелекса“, која исто така беше ставена на црната листа на САД поради развивање и продажба на софтверите кои служат за следење на комуникации, со што се прекршуваат основните човекови права.
Поранешен управител на „Сајтрокс-Скопје“ беше Иво Малинковски, но по избивањето на скандалот Малинковски се повлече од позицијата. Тој е син на на познатиот македонски бизнисмен, Илија Малинковски, познат како сопственик на винаријата „Камник“ и на фирмата за продажба на оружје „МИКЕИ Интернационал“. Сега со скопската „Сајтрокс“ управува жена од Чешка.
Далиборка демјанска Цветановска