Ковид-19 не е причина за смртта на двегодишното дете од Ресен, кое првично било хоспитализирано во Битола, па во раните утрински часови во текот на вчерашниот ден префрлено на Клиниката за детски болести во Скопје, вели директорката Фуштиќ и покрај тоа што брзиот тест за ковид кај детето бил позитивен, додека кај мајката негативен. Се работи за дете со повеќе дијагностицирани состојби претходно, но оскудна документација, затоа што фамилијата живее во Германија и според она што го кажала мајката се вадат одредени заклучоци.
„Доминантна е белодробната хипертонија која е сериозна состојба. Исто така од извештаите во Германија се нотира дека детето има ларинготрахеомалација која, исто така, го отежнува протокот на воздухот и во извештаите стои и ВСД. Тоа е една кардиопатија при која постои отпор помеѓу двата вентрикула. Дали тој отвор бил затворен или дека детето има и пропратна белодробна хипертонија, можно е заради зголемениот притисок во белодробието и тој проток веќе да не биде функционален“, изјави проф. д-р Стојка Нацева-Фуштиќ, директорка на Универзитетската клиника за детски болести.
Се добива и податок дека детето заостанува во моторниот развој, пред сè, затоа што на двегодишна возраст сè уште не оди, додава Фуштиќ. Здравствената состојба му се влошила два дена претходно, со висока температура, во Ресен е примено со епилептичен статус. За потоа од Битола да биде префрлено во Скопје, каде е хоспитализирано во стационарниот дел на ургентната амбуланта, затоа што било ковид позитивно и не можело да биде сместено на интензивна нега.
„Во моментот не е проценето дека детето треба да се интубира и да се постави на механичка вентилација. Поставено е на висока кислородна поддршка, дадена е дополнителна терапија и антибиотска терапија и поддршка срцева, така што во еден период детото се стабилизира меѓутоа анализите што се добиени укажуваат и на коагулациони нарушувања, многу високи дедимери преку 12.000 и нарушени коагулациони фактори, времињата на крварење, со АТПП повеќе од 48 секунди“, додава Нацева-Фуштиќ.
Со целата терапија која ја примало двегодишното дете, краткотрајно се стабилизирала состојбата, за да во вечерните часови добие криза која повеќе се објаснува како централна криза, со тешко дишење, нагло паѓа сатурацијата, но и покрај обидот да се постави на механичка вентилација, краткотрајно се стабилизира за повторно да се влоши, реанимацијата е неуспешна и завршува со смрт.
Нина Стефанова
