Едрилицата „Илинденка“, првото летало на македонската авијација, е изложено на спортскиот аеродром Стенковец, каде денеска, со голем аеромитинг, се одбележуваат 100 години македонска авијација. „Илинденка“ е произведена во фабриката „20 Мај“ во Скопје.
Првиот лет со едрилицата е изведен во 1955 година, а ќе остане запаметена по своето учество на светското едриличарско првенство во Полска, во 1958 година, како дел од тогашната репрезентација на СФРЈугославија.
„Оттогаш до денеска овој воздухоплов беше во Воено-техничкиот музеј во Белград и благодарение на одличните односи коишто ги имаме и со претседателот на Србија, со министерот за надворешни работи Србија и благодарение на нивна помош на директорот на ВТМ во Белград, овој воздухплов денеска е во Скопје каде што му е и местото“, рече на свеченоста премиерот Димитар Ковачевски, заблагодарувајќи се на српските власти за тоа што еовозможено да се претстави првото летало на македонската авијација.
„Илинденка“, како што посочи Ковачевски, отворила пат за создавање серија на такви едрилици кои биле испратени ширум поранешна Југославија каде добивале само пофалби со оценки и кои ги вбројувале меѓу најдобрите во светот.
Посочувајќи дека во 1923 година е формиран првиот аероклуб во нашата држава, Аероклубот Скопје истакна дека нашата авијација помина низ многу предизвици поминувајќи преку разни општествени прилики општествени уредувања, војни кризи и непогоди.
На настанот меѓу гостите се и министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ, како и амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Андреа Силвестри.
Програмата опфаќа учество на над 30 различни воздухоплови од земјава и странство како и падобранци од нашата земја и од пријатели на клубот од целиот регион.
