Седум високи грчки полициски офицери се суспендирани, а отворена е интерна истрага за доцнењето со полициската интервенција по синоќешните навивачки инциденти во Атина во кои членови на загрепски „Бед Блу Бојси“ нападнаа фанови на АЕК. Билансот на крвавиот пир е еден мртов, осум повредени и 98 приведени против кои грчкиот Врховен суд поведе кривична истрага. Во нередените е повредено и 12-годишно девојче кое било погодено со камен во глава.
Во физичката пресметка двете групи користеле димни факели, импровизирани експлозиви, палки и камења, а дел од медиуми објавија дека дел од хрватските навивачи носеле и секири. Осумдесет и четири се Хрвати, двајца се Грци и по еден Германец, Албанец, Австриец и државјанин на Босна и Херцеговина.
Грчката јавност е во шок по синоќешните инциденти во главниот град. Присутна е згрозеност од однесувањето на хрватските хулигани, но и тага за загубениот живот на 29-годишниот Михалис чија мајка доживеа инфаркт која ја дозна трагичната вест.
Дилемите кои се провлекуваат меѓу Грците е како пристигнале „Бед Блу Бојси“ во Атина и покрај забраната на УЕФА за гостински навивачи. Организиран превоз немало, туку 200-тината навивачи на Динамо тргнале на пат со приватни автомобили. Формирале конвој, ја избегнале Србија и Македонија како опции за патување, и кон Атина се упатиле преку Албанија. За патешествието од 1.400 километри се претставиле како туристи. Меѓутоа она што буни е како автомобилите не биле запрени од полициски сили, иако се движеле со истакнати клупски обележја.
На денешниот безбедносен состанок, АЕК соопшти дека за одговорни ги смета Динамо Загреб и грчката полиција. Осуда за инцидентите дојде и од Управата на Динамо која најави целосна соработка со УЕФА, како и од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кој синоќешните инциденти во Атина ги нарече негација на спортот.
Мечот меѓу АЕК и Динамо Загреб, во третото квалификациско коло за фудбалската Лига на шампиони, требаше да се одигра вечерва, но е одложен за 15 август и тоа напрво ќе се игра на „Максимир“, а реваншот ќе биде на „Опап арена“ во Атина.
Сашко Димовски
