Целосна примена на хрватскиот Устав во делот на Преамбулата е официјалниот предлог кој ВМРО-ДПМНЕ денеска ѝ го испорача на власта за да ја даде својата поддршка за уставните измени. Копирањето на хрватската Преамбула е моделот кој опозициската партија вели дека се подготвени веднаш да го поддржат, без никакви условувања, со што би се се сменил мултиетничкиот каракатер на државата во унитарен.
„Република Македонија се воспоставува како национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинствата: Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и др., кои се нејзини државјани, на кои им се гарантираат исти права со тие на македонскиот народ и остварување на националните права, во согласност со демократските норми на Организацијата на Обединети Нации“, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Актуеланата Преамбула на македонскиот Устав пак гласи:
„Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина…“
Од Белата палата со прифаќање на нивниот предлог подготвени се да разговараат и за тоа сите заедници кои се регистрирани на последниот попис во земјава да влезат во Уставот, но како национални малцинства.
„Но, Македонија да биде унитарна држава. Ваков модел, во оваа форма ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија е подготвена веднаш да поддржи, без никакви условувања“, изјави Митева.
Одговорот од СДСМ на ова стигна експресно, ВМРО-ДПМНЕ да го достави предлогот како дел од работните групи и процесот кој наскоро ќе се отвори за промена на Уставот.
„Ќе има работни групи кои што ќе ги сочинуваат и претставници од политички партии, експерти по Уставно право, експерти од други области кои што ќе придонесат во делот на создавање на квалитетен процес. Токму во тој процес очекуваме да учествува и Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и да ги дадат своите предлози. И врз основа на тие јавни расправи и работа во работни групи да дојдеме до најквалитетното решение“, изјави портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски
Од ДУИ пак понудата на ВМРО-ДПМНЕ ја оценуваат како менување на ставот на опозицијата за уставните измени, од тоа дали се потребни, во тоа какви да бидат. Од ДУИ за Телма очекуваат по ваквата одлука опозицијата да делегира свој претставник во процесот на уставни измени.
„Важно е дека ВМРО-ДПМНЕ се согласни на уставни измени. Тоа значи сега преминуваме во една квалитативно друга фаза од тоа „дали треба“ во фазата „како“ да изгледаат уставните измени. Сметаме дека по оваа одлука ВМРО-ДПМНЕ треба да испрати претставник во владината комисија за уставни измени и да почне еден инклузивен процес. Во текот на тие разговори ќе увидат дека вклучувањето, а не исклучувањето на заедниците во нашата држава ја прави оваа држава посплотена, похармонична и поевропска“, стои во одговорот од ДУИ за Телма за понудата на опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак за Телма велат дека нема да станат дел од процесот, додека власта не го каже својот став за нивниот предлог.
„Не учествуваме во работните групи додека власта не се произнесе за предлогот кој го пласиравме јавно“, информираат од опозициската партија за Телма.
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ уследи откако нејзиниот лидер, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека за партијата е прифатлива промена на Преамбулата во Уставот по хрватски терк, но со тврдење дека тие што го заговараат тоа, да не се каат потоа. Мицкоски со оваа реферираше на изјавите на претставниците на власта изминатиот период дека Македонија треба да го отвори својот Устав, по примерот на Хрватскиот Устав, за впишување на сите заедници во земјата во него. Во хрватскиот Устав се наведени 22 заедници кои живеат во хрватската држава.
Тамара Грнчароска
