Не се констатирани недостатоци во лекувањето и третманот на 6 годишната Јана Христовска од битолско Кравари која почина во средата во Клиничката болница во Битола, соопшти вечерва Државниот санитарен и здравствен инспекторат , по вонредниот инспекциски надзор спроведен денеска. Инспекторите по увидот во документацијата и изјавите на здравствените работници констатираа дека девојчето имаше срцев застој.
Јана откако беше примена на 22 март во 10 часот, а дежурниот лекар утврдил дијагноза дехидратација , а според кажувањето на родителите претходно три дена имала покачене температура, болки во грлото, повраќање, отоци на очните капаци и болки во нозете.
Слична била состојбата и тој ден кога родителите ја донеле на болница, но без зголемена температура. И биле земни примероци од крв и урина за анализа, а потоа и била дадена инфузија со 250 милилитри 5 процентна гликоза, 250 милилтри 0,9 раствор натриум хлорид., како и ампули Бедоксин.
„По завршување на инфузијата состојбата се влошила. Дошло до појава на малаксаност, бледило , тахикардија и сомнолентност. Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и поставено на монитор и кислородна поддршка. Направени се два ЕКГ записи во 12.34 ч и во 12.42 ч. и побаран е конзилијарен преглед од анестезиолог. Во меѓувреме детето прави срцев застој по што е направена реанимација, се наведува во соопштението од ДЗСИ
Лекарите се консултирале и со колегите од Клиниката за детски болести во Скопје за девојчето да биде префрлено на лекување во оваа установа, но здравствената состојба на девојчето драматично се влошила.
„Поради дополнително влошување на состојбата, во 14,00 ч детето е пренесено во службата за интензивно лекување каде е направена кардио пулмонална реанимација и дадена е терапија, но без успех. Од страна на анестезиологот е констатирана смрт во 15.20. часот, пишува во извештајот на ДСЗИ.
Од Инспекторатот наведуваат дека по изјава на двете докторки во детското одделение по добиените резултати од направените анализи имало покачени показатели за срцево страдање, за што е известена мајката на 6 годишната Јана.
Сепак, обдукцијата треба точно да покаже од што почина малото девојче, за кое родителите се сомневаат во лекарска грешка, затоа што шеќерот во крвата драматично се покачил откако ја примила инфузијата со гликоза. По добиените резултати од обдукцијата ќе одлучат дали ќе бараат одговорност за смртта на нивното девојче.
И битолското обвинителство издаде наредби и насоки да се извршат сите неопходни проверки за да се утврдат причините за смртта на 6 годишната Јана Христовска.
Емилија Мисирлиевска
