Државниот здравствен и санитарен инспекторат утрово влезе во Клиничката болница во Битола и врши вонреден инспекциски надзор за смртта на 6-годишната Јана Христовска од битолско Кравари, која почина завчера на детското одделние, по примена инфузија.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити и премиерот Димитар Ковачевски, денеска одговарајќи на новинарски прашања рекоа дека од синоќа се во интензивна комуникација со менаџментот на болницата, но сè уште не контактирале со семејството на девојчето. На пат за Скопје е директорот на болницата, Александар Обедниковски, кој треба да се сретне со министерот.
Откако надлежните ќе ги имаат сите информации ќе ја известат јавноста, но поради сензитивноста на случајот, не сакаат да коментираат пред да биде готов извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Директорот на Клиничката болница во Битола, Александар Обедниковски ќе побара Комисија од Министерството за здравство (МЗ) да го испитува случајот. Обдукцијата на малата Јани заврши вчера, а за случајот е известено и Обвинителството. Родителите на 6-годишното девојче се сомневаат дека при нејзиното лекување во Битолската болница е направена лекарска грешка.
Велат дека Јана ја однеле во болница со лесна настинка и мала температра и тврдат дека лекарите и дале инфузија со гликоза, иако вредоста на шеќерот во крвта била 9, по што се покачила на 19. Потоа девојчето западнало во кома, а за неколку часа почина. Безуспешни беа обидите на лекарите за нејзина реанимација.
Родителите велат дека Јана беше здраво девојче и никогаш не боледувало од некоја посериозна болест. Таа ќе биде погребана денеска на гробиштата во село Кравари. Откако ќе ги добијат резултатите од обдукцијата, родителите ќе одлучат дали ќе бараат одгворност за лекарска грешка.
Емилија Мисирлиевски
