Кристијано Роналдо ќе игра за тимот на Ал Наср од 1 јануари 2023 година, објави „Марка“. Португалецот ќе потпише две и пол годишен договор со саудискиот клуб, токму како што објави медиумот пред само неколку дена.
Роналдо го раскина договорот со Манчестер јунајтед пред почетокот на Светското првенство и стана слободен агент да преговара со нови клубови за ангажман.
Португалската фудбалска ѕвезда се надеваше на соработка со клуб со кој ќе игра во Лигата на шампиони, но бидејќи не излезе ништо од тоа, реши да ја прифати понудата на Ал Наср чие раководство му понуди неверојатни финансии.
Според договорот, Роналдо со Саудиска Арабија ќе заработува нешто помалку од 100 милиони евра по сезона и, речиси, уште толку од различни реклами што ќе го направат убедливо најплатен спортист на светот.
Најплатените спортисти и досега беа фудбалери – Лионел Меси и Нејмар кои од разни спонзорски договори заработуваат 70, односно 75 милиони евра годишно.
Тренер на Ал Наср е Руди Гарсија, а соиграчи во тимот ќе му бидат Давид Оспина и Алваро Гонзалез.
