„Наместо Судски совет нека се формира друштво со ограничени правни знаења и одговорност“ – ова е коментарот на универзитетскиот професор Денис Прешова по информациите дека Судскиот совет побарал од Собранието толкување на одредби од новиот Закон за Судскиот совет, поврзани со престанок на мандат на член поради исполнување услови за пензија.
„Дајте да не се зафркаваме и да го укинеме ова тело и да формираме Агенција за судство на чело со некој директор или, подобро, нешто налик на некое тело со јавни овластувања наречено Судо-промет, Интер-суд-екс или Судо-шпед, кое ќе биде друштво со ограничени правни знаења и одговорност за промет со судски интегритет, судска трговија и тезгарење“, напиша Прешова.
Тој прашува како е можно институција составена од судии и правници да не може самостојно да ги толкува законските одредби што ја регулираат нејзината работа, а го критикува и Собранието кое како што наведува „со сиот памет, или отсуство на истиот, одговорило со писмо(!) во кое дава толкување на одредбите од Законот за Судскиот совет дека може да се констатира престанок на мандатот на членот на СС (!!!!)“.
„Чуму ни седат таму ‘врвни’ судии и ‘истакнати’ правници ако ова се случува и тие не се способни да ги толкуваат одредбите на Законот за Судскиот совет. Немаме потреба од ваков Судски совет. А, за Собранието и јас сум без коментар веќе. Мислевме автентичните толкувања се чудовишта од минатото, а тек ова..епистоларно толкување“, напиша Прешова. .
Oд Судски совет за Телма потврдија дека се обратиле до Собранието, во врска со заминувањето во пензија на Павлина Црвенковска која исполнила услови за старосна пензија шест месеци пред истекот на мандатот.
