По разузнавачка царинска информација, Царинската управа спречи обид за неовластен промет со дрога којашто државјанин на САД се обидел нелегално да ја внесе во државава преку поштенски пратки со ДВД ЦД-а коишто пристигнале од Франција.
По пристигнување на пратките во Царинската Испотава Пошти, наменети за лицето Ј.Е., царинските службеници извршија контрола со скенер за поштенски пратки, при што е детектирана сомнителна содржина.

Повикан е мобилен царински тим и царинско куче, а по тестирање на содржината со специјална опрема е утврдено дека во четирите пратки се наоѓа наркотична дрога, и тоа метамфетамин со тежина од 12,5 грама, МДМА со вкупна тежина од 20 грама и кокаин со тежина од 8 грама.
По налог на јавен обвинител, инспектори за спроведување истраги, во моментот на примопредавање на пратката, го приведоа лицето Ј.Е. и извршија претрес на домот каде живеел заедно со сопругата.
При претресот дополнително се пронајдени две стаклени шишенца со зелена растителна материја со интензивен мирис, две стаклени лулиња за пушење марихуана и 33 ампули тестостерон.

Дрогата пронајдена во поштенските пратки и домот на лицето е одземена и испратена на вештачење, а против лицето ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
