Напуштете ги териториите под руска окупација, оваа порака утрово до граѓаните ја упати воениот гувернер на украинскиот југоисточен регион Запорожје, Иван Федоров, порака доаѓа во услови кога Киев ги интензивира нападите врз тие делови на земјата.
Федоров преку „Телеграм“ соопшти дека украинските сили ја гаѓаат руската воена инфраструктура и линиите за снабдување во регионите Запорожје и Херсон. Истовремено, според него, руската армија распоредува дополнителни сили за заштита на своите објекти, што дополнително ја зголемува опасноста за цивилното население.
„Затоа ги повикувам сите да не ја одложуваат одлуката за заминување“, порача Федоров.
Тој објави и контакти од хуманитарни организации и државни институции што можат да им помогнат на украинските граѓани да ги напуштат окупираните територии.
