Вести Македонија

Ѓорѓиевски: Во Скопје ќе бидат поставени 2.600 нови контејнери, градот го враќаме во нормала

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека приоритет во неговиот мандат е воспоставување функционален систем во градот и подобрување на комуналните услуги, оценувајќи дека Скопје со години се соочувало со сериозни инфраструктурни и организациски проблеми.

Тој во емисијата „Вин-Вин“ посочи дека уште пред да ја преземе функцијата бил свесен за финансиската состојба на градот, за загубите во водоводната мрежа и за недостатокот на соодветна инфраструктура.

„Бев апсолутно свесен во што влегувам уште пред да станам градоначалник на градот Скопје. Знаев какви се состојбите во сите населени места, но и бев свесен за финансиската состојба и за загубите на вода затоа што немаме точен подземен катастар“, изјави Ѓорѓиевски.

Според него, целта е да се изгради систем кој нема да зависи од политичките околности и ќе обезбеди редовно функционирање на градските услуги.

„Нешто што недостасува долги години во Скопје е да се изгради систем кој нема да зависи од милоста на централната власт. Досега немавме систем и сега го градиме“, рече тој.

Како една од клучните мерки за подобрување на јавната хигиена, Ѓорѓиевски најави поставување на 2.600 нови контејнери низ градот.

„Еве сега обезбедуваме 2.600 контејнери, а во изминатите 10 години вкупно не е обезбедена толкава бројка“, нагласи градоначалникот.

Тој додаде дека во одредени делови од градот недостасуваат основни услови за нормално собирање на отпадот, посочувајќи дека само во општина Чаир недостигаат околу 180 контејнери, што придонесува за создавање диви депонии.

Ѓорѓиевски оцени дека состојбата со одржувањето на јавните површини, зеленилото и комуналната хигиена е подобрена во споредба со претходниот период и најави продолжување на инвестициите во механизација и опрема за градските служби.

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Централизација на градежна инспекција, видео мониторинг на градилишта и задолжителен депозит од инвеститорите најави Ѓорѓиевски

Tea Dimkovska

Скопје домаќин на регионален самит за дигитална трансформација на Западен Балкан

Tea Dimkovska

Двајца прилепчани загинаа, еден е тешко повреден во сообраќајна несреќа на експресниот пат Градско – Прилеп

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе