„Со самото присуство на полициските службеници таа ноќ беа спасени голем број на човечки животи со самото тоа што беа директно вадени од дискотеката. Исто така од страна на полициските службеници беше овозможен непречен пристап и постапување на другите надлежни институции како пожарната служба и итната медицинска помош. Оттука многу легитимно се поставува прашањето- Дали денес ние полициските службеници сме обвинети и сме на обвинителна клупа дека таа кобна ноќ бевме на работа, а не дома?“, изјави Марија Маневска, в.д началник на ОВР Кочани.
На рочиштето се изведуваа докази, како видео снимки на кои се забележува пристигнувањето на полициските службеници пред „Пулс“, кои според обвинителката Спасенка Андонова ја покажуваат сликата каква била состојбата вечерта, како и активацијата на пиротехниката, како и изводи и анализа на комуникација доставена од мобилните оператори.
„Денес фокусот освен на снимките беше ставен и на изведување на доказите кои што се однесуваат на конкретните последици што се кои што се смртни кај поголем дел од лицата, видот и карактерот на повредите исто така кај поголем број на лица. Зборуваме за тешки телесни повреди и тоа како материјален доказ се изведе. Се продолжи со видео снимките. Одиме со одредена динамка, која што во крајна линија си ја наметнува присуството на сведоците или не“, рече обвинителката.
Одбраната реагираше дека од видео записите не може точно да се утврди времето на влез на полициските службеници во дискотеката и моментот на активирање на пиротехниката. Адвокатот на Маневска укажа и дека недостасува нејзината комуникација со претпоставените на 14 март со која може да се утврди дека тие биле запознаени со акцискиот план.
„Во врска со денешното рочиште можам да напоменам дека од страна на јавното обвинителство беа изведени докази како хемиско вештачење и анализа на мобилни телефони. Самите тие докази се докази дека укажуваат исто така на нашата невиност“, додаде Маневска.
Обвинителството тврди дека полициските службеници кои биле во „Пулс“ не презеле мерки за спречување на употребата на пиротехничките средства. Сите 13 обвинети се изјаснија за невини. Во пожарот на на 16 март минатата година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето продолжува на 8 јули.
Марија Митевска
