Фемицидот во Битола е петти случај на убиство на жена поврзан со семејно насилство во Македонија од почетокот на годинава. Според експертите, зад ваквите трагедии стојат години институционални пропусти, ненавремено реагирање и недоволна заштита на жртвите.
– Ова е последица на долго време непостапување како што треба, непреземање на навремени обврски, како и недоволно или ненавремено менување на законските решенија. Сега мораме да се зафатиме сериозно со проблемот. Трагедијата е во тоа што се зафаќаме откако ќе настане проблемот, вели адвокатката Катерина Котевска-Стисниовска.
Котеска Стисниовска вели дека неопходни се суштински промени во начинот на кој институциите се справуваат со семејното насилство, како и воспоставување функционален систем за превенција и контрола.
– Треба да имаме национална стратегија, јасни упатства за институциите, препораки и насоки, правилници и систем на контрола дали сето тоа се спроведува. Потребни се вистинските луѓе на вистинските места, нагласува Котевска-Стисниовска.
За убиството на 31 годишната жена, мајка на 4 деца, реагираа и од Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, од каде велат дека фемицидот не смее да се третира како изолиран случај, туку како длабок општествен проблем кој бара итен и координиран одговор. Од таму посочуваат дека, и покрај постоењето на законски механизми, во пракса сe уште недостасуваат навремена проценка на ризик, ефикасна превенција и соодветна институционална реакција.
Емилија Мисирлиевски
