Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на јуни отстраниле вкупно 6.165 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на сите скопски општини, соопштија од претпријатието.
Според информациите, расчистени се повеќе поголеми диви депонии во општините Гази Баба, Ѓорче Петров и Бутел.
Во општина Гази Баба интервенции биле извршени на улицата „Перо Наков“ и во населбата Ченто, каде што се подигнати 65 кубни метри отпад. Во Ѓорче Петров, од дивите депонии на улицата „Лихнида“ и на Новоселски Пат биле отстранети 75 кубни метри отпад.
На територијата на општина Бутел, екипите на претпријатието расчистиле 155 кубни метри непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад.
„Во текот на месецот јуни, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија 6.165 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини“, информираат од претпријатието.
Во соопштението се наведува и дека во текот на минатиот месец биле подигнати и транспортирани 14.030 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје.
Од ЈП Комунална хигиена-Скопје додаваат дека продолжуваат со редовното машинско миење на скопските булевари и улици со автоцистерни, како и со машинско и рачно метење и миење на плоштадите, пешачките мостови, тротоарите и просторот на Старата скопска чаршија, активности што се реализираат секој ден во три смени.
