Собранието го усвои новиот Закон за парнична постапка со 81 глас „за“, 9 „против“ и без воздржани. Законот е реформски чекор за модернизација на правосудниот систем и негово усогласување со европските стандарди.
Со новите законски решенија се предвидуваат побрзи и поефикасни судски постапки, зајакнување на улогата на судот во утврдувањето на фактичката состојба, како и воведување дигитални алатки, вклучително и електронска достава на судски писмена и одржување рочишта преку електронски средства.
Законот воведува и претставнички тужби за заштита на колективните интереси и права, како и поедноставени постапки за спорови од помала вредност. Според Министерството за правда, новите решенија имаат цел да обезбедат поголема правна сигурност, поефикасно судство и посилна заштита на правата на граѓаните и правните лица.
