Левица реагираше на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ги како „трагикомични“ и посочувајќи дека токму владејачката партија има најголема корист од системот на платено политичко рекламирање.
Од Левица велат дека во работната група за измени на Изборниот законик предложиле воведување на една изборна единица и целосно укинување на средствата за платено политичко рекламирање.
„Левица во работната група пред сѐ бараше промена на изборниот модел во една изборна единица и како најразумно решение бараше целосно укинување на парите за платено политичко рекламирање. Но, кога партиите научени да функционираат само со рекет и пари не се согласија, баравме распределба на средствата подеднакво за сите учесници во изборите. Ниту тоа не беше прифатливо за нив“, се наведува во соопштението.
Партијата смета дека одбивањето на овие предлози покажува дека големите партии не се подготвени за еднакви услови во изборниот процес.
„Оваа упорност во одбивањето на секоја варијанта на фер почеток и избори открива нешто подлабоко од обична финансиска пресметка. Партија која навикнала и ја градела својата предност токму преку нееднаквиот пристап до ресурси, логично, се плаши од секое сценарио во кое таа предност се брише или ублажува“, порачуваат од Левица.
Во реакцијата тие додаваат дека распределбата на средствата подеднакво за сите учесници во изборите би обезбедила поправедни услови за политички натпревар.
