Вести Македонија Топ вести

Ќе се слушнеме со државниот обвинител Савески – Советот на јавни обвинители по изјавата на премиерот Мицкоски дека зборувал со Савески за запрената истрага за мазутот

За да се расветли ситуација со телефонскиот разговор меѓу премиерот Христијан Мицкоски и државниот јавен обвинител Ненад Савески, во врска со запрената истрага за злоупотребите со мазутот, Советот на јавни обвинители ќе контактира со Савески. Претседателот на Советот на јавни обвинители нѝ рече дека за изјавата која го открива контактот, а ја даде премиерот Мицкоски слушнале од медиумите.

„Ќе треба да се слушнеме со државниот обвинител Савески за да ги заокружиме работите. Како Совет немаме ингеренции да се мешаме во предмети, но ги следиме изјавите и состојбата внимателно се следи. За изјавата слушнавме од медиуми“, ни изјави во телефонски разговор, претседателот на Советот за јавни обвинители, Башким Бесими.

ОЈО ГОКК ја запре истрагата е запрена за Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко петрол“ и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулковски и уште осум други осомничени.

Кривичната пријава беше за серија злоупотреби со набавките на мазут, а МВР кога ја поднесе лани во март тврдеше дека државата претрпела штета од над 167 милиони евра преку наместени постапки и транспортирање на мазутот до ТЕЦ Неготино.

Пријавата беше и за перење пари, но обвинителството ја затвори истрагата бидејќи соопштија дека не се обезбедени докази за кривични дела и за финансиска штета. Обвинителството на брифингот наведуваше сведочења на вработени во ЕСМ кои во истрагата тврделе дека нема штета туку корист и со тендерите биле избегнати рестрикции на струја во Македонија.

Премиерот Мицкоски пак наведе дека бил информиран за случајот од обвинителот Савески и дека го барал на телефон за да дознае повеќе детали за одлуката.

„Очекувам случајот повторно да биде вратен на преразгледување и на повторна анализа, бидејќи ако тоа не се случи, Обвинителството дефинитивно го губи својот кредибилитет. Мислам ОЈО ГОКК, обвинителството за гонење организиран криминал, со овој обвинител сме го коментирале, со Ислам Абази сме го коментирале и нема што дополнително да кажам. Во текот на вчерашниот ден разговарав со јавниот обвинител Ненад Савески на оваа тема. Тој ме информираше дека не бил информиран за оваа одлука на ОЈО ГОКК што го води Ислам Абази“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на владата, при одговор на новинарско прашање.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Врховниот командант на Сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот Гринкевич оствари средба со министерот Мисајловски и генерал-мајор Лафчиски

Дејан Дејан

Мицкоски: Изборниот законик е заложник на политички калкулации, електронското гласање за дијаспората е нашата „црвена линија“

Дејан Дејан

Мицкоски: Струјата нема да поскапи, туку ќе биде поевтина за граѓаните

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе