Трговската размена меѓу Македонија и Албанија минатата година била 180 милиони евра, но имајќи ја предвид поврзаноста на двете држави, таа треба да стигне до една милијарда евра, порачаа учесниците на македонско-албанскиот бизнис форум. Заклучокот е дека двете држави засега не успеваат да го искористат потенцијалот.
За министерот за транспорт и врски е чудно што трговски партнер број 1 на Македонија е Германија, на второ место е Велика Британија, а соработката со соседите е слаба, и затоа порачува дека е потребна промена во менталитетот и поголема соработка меѓу стопанските комори.
„Ако нешто е произведено во Македонија или во Албанија, а ги има сите потребни стандарди, зашто веќе светот или барем овој развиен дел од светот јасно се стандардизираше, тогаш не гледам зошто размената да не е тука и да очекуваме истото да го добиеме од некоја друга држава за два, три или четири пати повисока цена. Да продаваме домашни или локални производи и размената да е во таа насока. Нашата задача, на двете влади и на бизнисмените, размената да биде во милијарди, а не во стотици милиони евра. Тоа е потенцијал што двете држави го имаат“, порача Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
Николоски информираше дека владата вложила 2,1 милијарди евра за Коридорот 8 и објасни како тој напредува по фази. Претседателот на Стопанската комора, пак, порача дека инфраструктура, извоз и инвестиции се магични зборови за напредок на една држава и тие треба да бидат како „оче наш“ за секоја влада. Стопанствениците сметаат дека е важно да се отворат коридори за сите земји што немаат море, да се укинат царинските бариери, а Драч да стане алтернатива за солунското пристаниште.
„Срам да им е на бизнисмените, криминалците се пред нас. Да се обединиме, да ги затвориме дупките и да ги искористиме потенцијалите за јакнење на соработката, за зголемување на трговијата и размената“, нагласи Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија.
Албанскиот амбасадор, пак, порача дека Коридор 8 ги става двете земји во срцето на новата европска архитектура и нуди заеднички потенцијал за инвестиции, енергија и туризам.
„Коридорот 8 е стратешки проект кој ги става нашите земји во европската транспортна архитектура. Патот кон просперитетот е повеќе доверба, повеќе инвестиции, енергија, заеднички проекти. Албанија ја гледа Македонија како природен партнер. Работа на избор е дали ќе останеме на периферија или ќе бидеме дел од современите текови и ќе градиме добро соседство“, рече Денион Мајдани, амбасадор на Албанија во Македонија.
На овој форум се очекува да се склучат и договори за соработка во туризмот и инвестициите. Следната ваква средба е најавена во Тирана.
Далиборка Демјанска Цветановска
