Вести Свет

Растат тензиите околу Иран – Трамп го отфрли иранскиот одговор како неприфатлив, Техеран возврати дека тие се грижат само за својот народ

Американскиот претседател, Доналд Трамп, го отфрли одговорот на, како што ги нарече, таканаречените претставници на Иран на американските предлози за завршување на војната како „целосно неприфатливи“, зголемувајќи ги повторно тензиите во регионот.

Според информациите на иранските државни медиуми, предлогот на властите во Техеран вклучува итен крај на војната на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан, прекин на американската поморска блокада на иранските пристаништа и гаранции дека нема да има понатамошни напади врз исламската република.

Тоа што веројатно најмногу го налутило Трамп е барањето на Иранците за компензација за штетите од војната, како и признавање на суверенитетот на Иран над Ормускиот теснец.

Во однос на ставот на Трамп, иранските претставници со јасен одговор – не е наш проблем дали непријателот е задоволен со тоа што го бараме и сметаме дека е крајно разумно.

Секогаш кога е потребно, ќе се бориме, а секогаш кога ќе сметаме дека е соодветно, ќе го користиме оружјето на дипломатијата за да ги унапредиме интересите на иранскиот народ. Не нè интересира дали другите се задоволни или не. Дипломатските процеси имаат свои правила“ -изјави Есмаил Багеи, портпарол на иранското министерство за надворешни работи.

Американскиот претседател постојано зборува дека САД веќе победиле во војната во Иран и таа набргу ќе заврши. Иранските власти очигледно имаат поинаков став, но поинаков пристап има и најверниот сојузник на Трамп, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, кој од меѓународниот кривичен суд е осомничен за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Газа.

„Дали војната со Иран е завршена? И ако не е, кој ќе одлучи кога ќе заврши?“ – беше прашан Нетанјаху во интервјуто за CBS

Мислам дека постигна многу, но не е завршена, бидејќи сè уште има нуклеарен материјал, збогатен ураниум, кој треба да се изнесе од Иран. Сè уште има постројки за збогатување што треба да се демонтираат. Сè уште постојат прокси-групи што Иран ги поддржува. Исто така, има балистички ракети што тие сè уште сакаат да ги произведуваат. Сега, ние уништивме голем дел од тоа. Но сето тоа сè уште постои и има уште работа што треба да се заврши“ – одговори израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

„Како замислувате високо збогатениот ураниум да биде отстранет од Иран?“ – беше потпрашан израелскиот премиер.

„Ќе влезете и ќе го изнесете“ – одговори тој.

Нетанјаху, во очигледен обид индиректно да одговори на критиките во американската јавност, дека со воената помош на САД, Израел извршил геноцид врз Палестинците и ги користи американските сили за сопствените регионални интереси, во интервјуто за СИБИЕС, изјави и дека тој сака американската финансиска помош за израелската војска постепено да се намали на нула.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Паметни камери во справување со пожари

Дејан Дејан

Партиите повторно не успеаја да се договорот за Изборниот законик

Дејан Дејан

При претрес на стан во Скопје пронајдени над 11 килограми марихуана, 400 грама кокаин, ЛСД и други видови дрога

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе