Вести Емисии Код Македонија

КОД: Држава без антикорупциска стратегија, држава со отсутен вицепремиер за добро владеење

На веб сајтот на владата, името на Арбен Фетаи се уште фигурира во втората линија на членови на кабиентот, како вицепремиер за добро владеење. Биографијата во 5 пасуси почнува со цитат „искусен професионалец во областа на јавната политика и европските интеграции, со богата меѓународна кариера.“

Но, во биографијата нема дека не бил на седница на влада од 26-ти февруари односно еве скоро три месеци. Неговот отсуство почна кога ВРЕДИ стартуваше со процесот за окрупнување во една партија, а Фетаи не се согласуваше со двоглаво водство на новата партија во која неговото крило на Алијанса нема да има копретседател.

Оттогаш не се појавува на работното место, а никој не го ни видел во владината зграда на Илинденска, ни потврдија претставници на Вреди. Владата официјално препраќаше за одговор до него или неговиот кабинет. Телефонот на кој го добивавме како новинари е исклучен. На крај објави слика од Бангкок, Тајланд. За вицепремиерот нема постапка во Антикорупциската комисија ниту пријава, ни одговори писмено претседателот на ДКСК.

Одговор од Адем Чучуљ, претседател на ДКСК:

Во однос на јавно изнесените информации дека Заменик претседателот на Вдадата Арбен Фетаи не доаѓа на работното место, до ДКСК не е доставена пријава.

Воедно нагласуваме дека, согласно Уставот на Република Северна Македонија и законските прописи, Владата и секој нејзин член за својата работа одговараат пред Собранието.

Согласно Законот за владата, претседателот на Владата раководи со работата на Владата, одговорен е за нејзината работа додека членовите на Владата имаат право и должност да учествуваат во работата на Владата.

Државната комисија за спречување на корупцијата смета дека сите членови на Владата се обврзани да ги почитуваат Уставот и законите на Република Северна Македонија како и Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата. Сите носители на јавни функции се должи да постапуваат законито и во корист на јавниот интерес.

Оттаму, доколку се точни информациите изнесени во јавноста за непочитување на работните обврски од страна на Заменик претседателот на Владата, надлежните органи треба да иницираат постапка за утврдување  на негова одговорност.

Сега со исклучен телефон за контакт со колегите и јавноста, Фетаи како вицепремиер за добро владеење требаше да биде вклучен во процесот за антикорупциски мерки и главен претставник на извршната власт во операционализацијата на новата Национална стратегија за борба против корупција. А таа стратегија доцни, сега и вицепремиерот кој често се среќаваше со антикорупционерите го нема.

Последната средба на Фетаи со делегација на Антикорупциската комисија била на 5-ти март. Разговарано е за стратегијата која заврши на крајот на ланската година, за работата на новата Национална стратегија. Средбата се одржала на иницијатива на вицепремиерот и Фетаи порачал дека „еден од главните стратешки приоритети на Владата е борбата против корупцијата и воведување на системски политики за промовирање на транспарентност, отчетност и интегритет.“

Пред фотографијата од Бангкок и ФБ пост со политички коментар за обединување на ВРЕДИ, тоа е последна јавно достапна официјална информација за вицепремиерот Фетаи. Со антикорупционерите се согласиле во една работа.

-Заеднички беше констатирано дека е потребен проактивен пристап на сите засекнати страни во насока на изготвување на јасна и спроведлива нова Национална стратегија, соопшти ДКСК на 5-ти март по средбата со Фетаи. Тоа е последнопојавување во јавноста на Фетаи при извршување на функцијата.

Повеќе од два месеци подоцна, се уште нема трага ни глас од Стратегијата. Во ДКСК ја изготвиле и ја пратиле на разгледување до сите институции кои се опфатени со неа и кои треба да се променат. Не, сите туку најголемиот дел од нив вратиле назад свое мислење, ни изјави телефонски претседателот на Антикорупциска, Чучуљ. Во тек е разгледување на мислењата доставени од институциите и другите засегнати страни, ни одговори писмено.

Според сознанијата на КОД, имало повеќе несогласувања или кочници од надлежните институции. Кога ќе се усвои предложената Нацрт Стратегија, следува менување на закони. Бидејќи тоа е дел од обврските на Собранието, упатените во процесот ни посочија дека имало отпор односно поинакви размислувања во законодавниот дом. Односно, Собранието е тоа што менува и предлага закони, а не таа иницијатива да доаѓа преку надворешни тела како што е Антикорупциската комисија.

Дополнително има и други забелешки, па сега експертите кои ги консултираше КОД чекаат да ја видат завршната Стратегија за да се сфати што е сменето од оригиналната.

Например, во годишниот редовен извештај наведени се вкупно 14 области и сектори во кои треба да има промени со новата национална стратегија. Во нив наведени се како ризични и потребни за менување, меѓу другите и вработувањата и унапредувањата во државната администрација, државните субвенции и грантови како и внатрешни работи, образование, јавни финансии и приходи.

Но, од 14 предложени, како приоритетни останале половина односно само 7 категории.  Изборот е правен по основни дебати и разговори и е базиран на анализа на ризици од корупција и стратегија ориентирана кон визијата на ДКСК.

Одговор од Адем Чучуљ, претседател на ДКСК:

Откако беа идентификувани и класифицирани ризиците од корупција по области и сектори, се направи приоретизација на седум области и сектори на кои ќе се фокусира Националната стратегија во следниот петгодишен период и тоа:

Хоризонтални области

  • Јавни набавки и
  • Надзор над спроведување на законите.

Сектори

  • Правосудство;
  • Транспорт и инфраструктурни проекти;
  • Просторно планирање, урбанистичко планирање и градежништво;
  • Здравство и
  • Животна средина, енергетика и природни ресурси.

Од листата приоритети отпаднаа вработувањата во државно и субвенциии и грантови од државата, отпаднаа и внатрешни работи и образование и енерегетика и јавните финансии и општинските власти и јавните претпријатија. Изборот е направен, и лупата на ДКСК како приоритет ќе биде свртена кон определени сегменти на администрацијата. Секако, во овој круг останува правосудството.

При подготовката на новата се користени и искуствата од старата неспроведена до крај. Утврдени се вкупно 10 фактори кои негативно влијаат врз спроведувањето на Стратегијата 2021- 2025. Интересни се два кои стануваат клучни. Односно зошто Стратегијата не се спроведува целосно и успешно.

ИЗВАДОК ОД ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ НА ДКСК ЗА 2025.:

(5) Недоволно користење на надзорната улога на Собранието врз Владата и на Владата врз органите на државната управа одговорни за спроведување на активностите од Стратегијата;

(10) Постоење замор од реформи во јавниот сектор.

За досегашната стратегија, негативни фактори за реализирање се и недостиг на континуитет на претставниците од институциите кои се задолжени за борба против корупција односно често биле менувани од други административци, а негативен фактор се и парите- буџетот за активностите од антикорупциската стратегија треба да се предвидат и да се дозволат, а многу често се кратат финансиите за надзор и контрола врз државните институции, да не се случува корупција во нивните редови.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е емитуван во КОД на 10.05.2026. на ТВ Телма.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Украдени учебници од училиште во Ѓорче Петров и запалени во дворот на школото

Дејан Дејан

Европската комисија признава дека ЕЕС предизвикува проблеми, но инсистира дека придобивките од него се далеку поголеми

Дејан Дејан

Паметни камери во справување со пожари

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе