Вести Македонија Најважни

Шоферот по грешка го истурил отпадот од камионот во Долно Лисиче – вели негов колега

Чистењето диви депонии очигледно е сизифовска работа во Македонија. На истата локација во Долно Лисиче на која градоначалникот на Аеродром во саботата затекна камион што на диво истура градежен шут, синоќа некој ја оставил старата дневна соба.

„Во саботата беше градоначалникот, значи ова вчера е фрлено, тазе е. Идат со коли, фрлаат, а и нема контрола. Овде накај расадникот сè е стиропор, палено, некни поминав натака, па била и пожарна. Стиропорот знаеш како гори“, вели Ванчо Цветковски, жител на Долно Лисиче.

Додека снимавме, на локацијата повторно дојде камион на истата фирма од саботата – ХСА-конструцтион, но не истури отпад, туку само го донесе булдожеристот да си ја земе колата. Тој вели ние ја расчистуваме локацијата и преку ден ја чуваме, но отпадот го носат ноќе. Инцидентот од саботата бил грешка, вели тој.

„Нашата фирма овде носи земја и го покрива и го рамни. Некој го земал местото, сака да сади ореви. Ние имаме земја, копаме земја и ја носиме тука, а шутот е фрлан ноќе, не е дење. Овие кревети ние немаме од кај да ги најдеме, а не да ги донесеме. Вчера по грешка шоферот дошол, тој мислел земја носи да ја искипа таму горе, наместо земја го натовариле со некои бетони“, вели Игне Крстевски, булдожерист во фирмата ХСА конструцтион.

На тоа место покрај Вардар порано се ископувал песок, со што е направена огромна дупка. До лани таму имаше дива депонија која градските власти ја исчистија, а фирмата сега ја пополнува дупката и го рамни теренот. Од другата страна на патот, кон расадникот е полно со ѓубре, а видливи се и направени дупки од диво ископување песок.

За расчистување на дивите депонии се потребни две работи. Прво инспекции и казни за да се спречат луѓето да фрлаат и второ расчистување на депониите затоа што кога на едно место има ѓубриште, луѓето се помотивирани да го фрлат новото ѓубре на истата локација. Генезата на создавање депонии покрај Вардар е следна – прво се прави дупка од ископување на песок, потоа таа дупка почнува да се полни со земја и градежен шут, па со тек на време и со комунален отпад и се формираат мини депонии.

Градоначалникот на Аеродром Дејан Митески во саботата објави снимка дека затекнал камион на фирмата ХСА-Конструцтион како нелегално истура градежен шут во Долно Лисиче. Фирмата денеска беше казнета со 20 илјади евра.

„Стануваше збор за еден огромен камион преполн со градежен шут којшто имаше намера, а дел од шутот и исфрли на локација којашто не е наменета за тоа. Во Скопје единствена локација за исфрлање шут е депонијата Дрисла. Инспекциските служби веднаш излегоа на лице место, беше повикана и полиција којашто изготви записник, инспекторот за животна средина на Општина Аеродром на лице место изготви записник, а денеска веќе изрече и прекршочен платен налог кон компанијата којашто е сопственик на возилото коешто беше затекнато како исфрла шут во износ од 20 илјади евра“, вели Митески.

Сопственик на фирмата ХСА-Конструцтион е Харис Качапор. Нему во моментов му се суди за смртоносното прегазување на поранешниот директор на ОХИС, Јорго Ќука на булеварот Гоце Делчев во Скопје во ноември. Беше осуден на условна казна за финансиски злоупотреби во случајот Синџир.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Партиите повторно не успеаја да се договорот за Изборниот законик

Дејан Дејан

При претрес на стан во Скопје пронајдени над 11 килограми марихуана, 400 грама кокаин, ЛСД и други видови дрога

Дејан Дејан

Сончево со мала до умерена локална облачност – Временска прогноза за 5.7.2026

meteo

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе