Американски трговски суд пресуди дека најновите глобални царини од 10 проценти воведени од претседателот Доналд Трамп не се оправдани според трговското законодавство од 1970-тите години, но само во однос на две приватни компании увозници и сојузната држава Вашингтон.
Царините и понатаму остануваат во сила за сите други увозници. Во пресудата се наведува дека администрацијата на Трамп немала доволна законска основа за примена на оваа одредба во конкретниот случај.
Од друга страна Трамп дал рок до 4 јули ЕУ да го исполни својот дел од трговскиот договор со САД во спротивно американските царини за европскиот блок ќе достигнат значително повисоки нивоа. Ова Трамп телефонски и го кажал на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Трамп разговорот со Фон дер Лајен го оцени како „одличен“ и посочи дека разговарале за повеќе прашања, вклучително и за Иран, при што се согласиле дека Техеран не смее да располага со нуклеарно оружје.
Американскиот претседател нагласи дека ЕУ има рок да го спроведе трговскиот договор до 250-годишнината од основањето на САД, што годинава ќе биде одбележана на националниот празник – 4 Јули.
На 1 мај Трамп објави дека американските царини за автомобили и камиони увезени од ЕУ ќе бидат зголемени на 25 проценти, наведувајќи дека Унијата не го почитувала билатералниот трговски договор. Во моментов царините изнесуваат 15 проценти.
