Потпретседателот на Собранието и пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, кој беше дел од работната група за измени на Изборниот законик, денеска ја прозва партијата Левица дека одбиваат да се потпишат како предлагачи на измените иако добар дел од нивните предлози биле прифатени.
Бидејќи тие одбиле да се потпишат како предлагачи, Милошоски рече дека предлог измените на Изборниот законик ќе бидат поднесени, без измените во членот 76-д, што се однесува на средства за изборно рекламирање, а што било вметнато по барање на партијата.
„За овој член ќе биде оставена можност Левица да поднесе амандман според усогласениот компромис кој го предложија на Работната група и истиот ќе биде поддржан. Тоа што е договорено, чесно е да се испочитува, без разлика што ко-предлагач за распределбата на буџетските средства за рекламирање беше Левица. Не е коректно на работните средби да се бараат буџетски пари за рекламирање, а во јавноста да се глуми девственост и жртва на наводен заговор “, – пишува Милошоски на Фејсбук.
СДСМ ги напушти преговорите во работната група за измени во Избониот законик, откако власта без консензус изгласа укинување на техничката влада од следните избори, но и покрај тоа преговорите продолжија. Според Милошоски работната група работела според препораките на ОДИХР.
Тема која предизвикала поголем интерес на работните средби бил членот 76-д, што се однесува на средства за изборно рекламирање, а за кој ВМРО-ДПМНЕ дал предлог соодносот на бројот на пратеници да биде објективен критериум за користење на 97 отсто од овие средства, а 3 отсто да бидат на располагање на партиите кои немаат пратеници во Собранието, но овој предлог не бил прифатен. Согласност била постигната за предлог што го дале ДУИ и Левица, а според кој 42 отсто ќе се издвојуваат за двете најголеми партии од позицијата, 42 отсто за двете најголеми партии од опозицијата, 8 отсто за партиите кои имаат пратенички групи, а не се меѓу четирите најголеми, 5 отсто за партиите кои немаат пратенички групи и 3 отсто за вонпарламентарните партии/ група избирачи.
